Шилегов: Реконструкцијата на Универзалната сала ќе почне во мај

Објектот на Универзалната сала во Скопје ќе се реконструира во постојниот облик и габарит, задржувајќи го својот автентичен изглед како симбол на обновата на постземјотресно Скопје. На промоцијата на изведбениот проект за реконструкција на Универзална сала присуствуваа премиерот Зоран Заев, градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, директорот на Универзална сала Филип Аврамчев, архитектот Бујар Муча од архитектонското биро „Мегарон Инженеринг“, кој го изработи овој проект.

Премиерот Зоран Заев потсети на важноста и на историјата на Универзална сала и нагласи дека архитектот Муча и неговото архитектонско биро на Град Скопје на скопјани им го отстапија идејниот проект за реконструкција на Универзална сала како донација. Град Скопје, како што рече, ја прифати донацијата и откако ќе заврши тендерот за изведувачките работи се предвидува почеток на реконструкцијата во мај.

– Со повторно отворање на вратите на Универзална, кои пет и пол години се затворени, ќе се создадат сите услови да се отворат и портите на Скопје со претензија во 2028 година со гордост да ја понесеме титулата Европска престолнина на културата, рече Заев.

Премиерот Заев потсети дека за Универзална сала издвоиле 120 милиони денари, обезбедиле 70 милиони евра, заем од Европската банка за обнова и развој за познатиот трамвај на тркала, обезбедени се средства за почетокот на изградба на мостот во Карпош 4, кој ќе биде продолжение на улицата „Љубљанска“ во вредност од околу 400 милиони денари. Најави дека ќе продолжи поддршката од страна на Владата за сите капитални проекти на општината.

Градоначалникот Шилегов информира дека Владата одвои 120 милиони денари, средства од буџетот на државата, за реализација на овој проект од огромно значење за македонската и скопска култура и традиција. Универзална сала, како што рече, беше, е и очигледно останува омилена културна институција на многумина скопјани.

Градоначалникот Шилегов потсети дека идејата да се сочува Универзална сала во постојнатата форма и на постојната локација дојде по опсежна и отворена дебата и додаде оти се слушна волјата на скопјани и на јавноста.

-Ова не значи дека се откажуваме од идејата за нова концертна сала во Скопје, но нашиот приоритет е да ја отвориме Универзална сала во нејзиниот полн капацитет уште во текот на оваа година. На 8 март ќе биде закажана седница на Советот Град Скопје каде ќе ја примиме донацијата на изведбениот проект со што се создаваат услови за распишување на тендерската постапка и во текот на мај очекувам да почнат градежните работи, изјави Шилегов.

Архитетктот Муча имаше презентација на проектот за Универзална сала и појасни како таа ќе изгледа во иднина. -Се задржува постоечката форма, се прави внатрешна реорганизација на просторот, се вметнуваат нови современи материјали во фасадата, пред се поради енергетската ефикасност, но со мали корекции во постоечката конструкција се зголемува и противпожарната заштита, рече Муча. Тој изрази надеж дека Универзална сала наскоро повторно ќе блесне во стариот сјај, како порано.

Одговарајќи на новинарско прашање, Шилегов рече дека Универзална сала би имала капацитет од околу 1.100 до 1.200 седишта. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

01.03.2021 - 12:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега