Шилегов: Во 2021 година почнуваме со Смарт сити, БРТ системот, нов мост на Љубљанска, а завршуваме со мостот на АСНОМ

 Зад нас е уште една тешка година која заеднички успеавме да ја пребродиме. Иако моравме да го намалиме нашето движење, да седиме дома, да ги кратиме нашите трошења, сепак, градот мораше да продолжи да функционира и живее. Светската пандемија на коронавирусот наметна нови приоритети. Успеавме да го реконструираме и прошириме паркингот на Клинички центар и овозможивме услови за поставување на нова монтажна болница. Најдовме сили да и помогнеме на економијата во повеќе сектори, порача денеска градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов во новогодишно обраќање.

Тој, во честитката што ја упати до скопјани по повод Новата 2021 година, додаде дека Градот започна градежна офанзива во која се реконструираа и почнаа да се градат вкупно 19 градски сообраќајници, се намалија дел од давачките кон градот, а им помогна и на најпогодените уметници, угостители, родители на ученици и други на кои помошта им беше најнеопходна во овие тешки времиња.

Иако годината беше тешка, посочи, улиците на Скопје сега се побогати за 33 нови еко автобуси на гас. Скопје го доби покривот на ГТЦ, кој е првиот зелен покрив отворен за граѓаните, а започна уредувањето и на вториот – покривот на Домот на градежници.

-И следната година не очекуваат уште многу нови и реконструирани сообраќајници, уште многу нови проекти во делот на образованието, културата, социјалата, животната средина и локалниот економски развој. Следната 2021 е година во која почнуваме со Смарт сити, БРТ системот на Трамвај без шини, го започнуваме новиот мост на Љубљанска, а завршуваме со мостот на АСНОМ. Ако биде се во ред и условите го дозволат тоа ќе започнеме со изградба на новиот Луна парк и ботаничка градина. Не очекуваат уште многу нови зелени еко проекти, нови паркови и скверови, зелени покриви, реформиран систем за одржување на комуналната хигиена, нова велосипедска инфраструктура и нови енергетски ефикасни проекти. Пред нас е уште една година исполнета со многу предизвици кои можеме да ги поминеме заедно со многу ентузијазам и верба во подобро утре, истакнува Шилегов во честитката.

Исто така, тој упати и апел до скопјани да останат дома со семејствата, да ја почувствуваат уште еднаш убавината на домот, и да го направат тоа за нив и за нивните најсакани.

-Да ја пребродиме заедно уште оваа криза, за да можеме заеднички да прославуваме и дочекуваме уште многу нови години полни со радост и среќа, порача Шилегов во честитката до скопјани и им посака Новата година да ја дочекаат во празнично расположение во кругот на нивните најблиски и да им биде исполнета со многубројни моменти на среќа и благосостојба, како и здравје за нив и за нивните најмили.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

28.12.2020 - 14:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега