Шилегов за проектот спроти „Холидеј Ин“: Мора да се почитува законот и параметрите на ГУП

Мора да се почитува законот и параметрите од Генералниот урбанистички план и со нив да се усогласат деталните урбанистички планови. Тоа е нешто што треба да го сработат урбанистите, смета градоначалникот на Скопје Петре Шилегов за проектот „Гранд“ предвиден на паркингот спроти хотелот „Холидеј ин“.

Во гостување во Дневникот на ТВ Сител, Шилегов рече дека очекува општина Центар да изработи елаборат и ако има отстапување во однос на ГУП, треба да донесе соодветен план што ќе одговара на неговите параметри. Тој појасни дека суспензија на проектот би значело дека во наредните шест месеци општина Центар нема да може да го применува Решението што го предвидела во ДУП-от, а значи и дека е должна во тие шест месеци да ги отстрани неговите недостатоци.

– Законот предвидува како треба да постапи општина Центар ако се утврди дека има отстапување од ГУП, кој е врвен урбанистички документ во градот. Излезот е само во она што го предвидел градот за изградба на објекти на определено место, односно колку ќе бидат на број и какви по габарит, а сè друго се субјективни мислења кои не е добро да се даваат во ваква „зовриена ситуација“. Охрабрувам да има ред и законитост во постапките, а тоа значи дека ако имаме отстапување на ДУП во однос на позициите што ги има ГУП-от, да се изработи елаборат со кој би се утврдило евентуално надминување на вредностите што ги содржи ГУП и, согласно тоа, ако постојат услови да се изрече суспензија на дел од ДУП-от, истакна Шилегов.

Во врска со овој проект Шилегов е свесен и за сериозно супстандардните услови на 2000 граѓани кои живеат таму, а се во центарот на градот.

-Од друга страна, немаме  ни право да стопираме за тие луѓе, кои ни криви ни должни во послените 50-60 години не можеле ниту да ги реновираат своите домови поради различни ограничувања што постеле. Затоа, мислам дека целата позиција треба да се гледа со пристојно внимавање на законските прописи, без да правиме непотребна атмосфера, додаде скопскиот градоначалник.

Во однос на проектот БРТ (Бас рапид транзит) за современ транспорт во Скопје, очекува  околу нова година да почнат  градежните работи, а првата фаза, од Ново Лисиче до гаража Ѓорче Петров, да заврши во 2023, доколку се одвива според планот.

Втората фаза очекува да биде завршена во 2024-2025, но ќе биде многу покомплексна поради сериозни интервенции во инфраструктурата.

– Изработена е целокупното идејно решение и е дадено на експертите на ЕБРД. Очекувам за еден месец да дадат позитивно мислење и тоа да биде основата за да ја спроведеме тендерската постапка. До крајот на јуни би требало да го распишеме тендерот за имплементација, а откако ќе помине тендерот, мислам дека околу нова година ќе ги видиме првите градежни работи, рече градоначалникот на Скопје, додавајќи дека ЕБРД го поддржала како најзелен проект меѓу стотина „зелени“ градови во Европа.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

23.04.2021 - 20:48

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа