Трајановски до Шилегов: Која ви е целта на менување на имињата на улиците?

Со менување на имињата на улиците власта продолжува да ја доуништува Македонија и да ја става на столбот на срамот, вели поранешниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски. Тој го прашува неговиот наследник Петре Шилегов, која е е целта на менување на имињата на улиците.

„Два дена внимателно ги читав предлозите за имиња на улици во Скопје. Читам и не можам да се начудам и си велам: Толку ли ги мразат Македонците ??? Петре, која ви е целта на менување на имињата на улиците??? Да, има имиња кои навистина заслужуваат да бидат на списокот, имиња кои ја отсликуваат нашата разноликост но зошто Петре отворате нова пандорина кутија со што создавате можност за многу голема штета на Скопје и на Македонија. По преспанскиот договор и договорот со Бугарија брзате да ја обезличите Македонија. Или можеби брзате заради нестабилната коалиција па да истерате колку можете“, напишаТрајановски на „Фејсбук“.

Кога ние ги менувавме имињата на улиците, додава тој, нашата цел беше улиците да добијат имиња на луѓе од различна етничка припадност, од науката, културата, образованието…  луѓе кои дале огромен придонес за Македонија, а голем дел од ни ги дале и своите животи за Македонија и за Скопје.

„Гледајќи ја вашата предлог-листа на имиња на улици видов дека има голем број добри предлози кои заслужуваат улиците да ги добијат нивните имиња, но зачуден сум од големиот број луѓе кои немаат дадено никаков придонес за Скопје и Македонија, а она што највеќе ме загрижува е тоа што има голем број луѓе кои работеле против интересите на Македонија. Петре, дали со овие предлози целта ви ја избришете милениумската историја на Македонија и да ја направите коминтерновска или Титова творба. Постојано се повикувавте на трснспарентност, а за овој предлог не ги консултиравте граѓаните и стручната јавност, особено историчарите. Дали со ова им угодувате на Грција и Бугарија? Веројатно знаете дека кога еднаш ќе почнете да угодувате крајот нема да се види, а сè тоа на штета на Македонците. Со ова продолжувате да ја доуништувате Македонија и да ја ставате на столбот на срамот. Да знаете дека нема да ви го дозволиме и ќе ги искористиме сите легални законски норми да ве спречиме во тоа“, вели Трајановски.

Тој пишува дека не може наместо Христо Татарчев да се врати партизанскиот командант Сава Ковачевиќ, кој не е од Македонија, не може наместо митрополитот Теодосиј Гологанов да се врати партизанскиот херој Иво Рибар Лола, кој исто не е од Македонија, не може наместо Аминта Трети да се стави Ленин, најголемиот комунистички лидер, не може наместо Павел Шатев да биде улица Бихачка од БиХ и не може наместо Борис Сарафов да биде улицата 4 Јули.

„Има уште многу примери со кои ќе ги бришете и понижувате хероите кои своите животи ги дале за Македонија. На крајот ќе ве прашам дали ќе го смените името на улица Македонија и плоштадот Македонија. Тоа би било нешто со кое вашите спонзори ќе доживеат катарза. За крај да знаете дека ќе бидете казнети од народот на следните избори, а следната градска власт ќе ја исправи неправдата“, напиша Трајановски.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

19.02.2021 - 09:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа