За СДСМ прифатлив предлогот за одржување на локалните избори на 17 октомври

 

СДСМ е согласен датумот на локалните избори да биде 17 октомври, како што бара ВМРО-ДПМНЕ, ако за тоа се договорат сите партии, порача вчера премиерот Зоран Заев, откако во средата опозициската партија се спротивстави на неговата идеја изборите да се одржат на 31 октомври и инсистраше терминот за нивно одржување да биде 17 октомври.

– За мене е многу важно што ќе каже опозицијата. Таа треба да биде задоволна со датумот на избори. Ако се одржат на 17 октомври се поклопува кампањата со пописот, и тоа не е добро, треба да го истуркаме пописот до крајот на септември, по што може да почне кампањата. Но, ако каже опозицијата 17-ти и сите други партии се согласат, ние сме согласни. Следниот викенд е 24-ти и 31-ви, тие се опциите за октомври, нагласи Заев.

Премиерот во вторникот најави дека ќе бара согласност од партиите локалните избори во државата да се одржат на 31 октомври, со цел да се избегне нивно поклопување со пописот. Но, ВМРО-ДПМНЕ обвини дека премиерот на своја рака, без консултација со останатите партии, „бара поместување на датумот на локалните избори од средината на октомври“.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски изјави дека очекува партиите да го почитуваат законскиот и уставен рок и на 17 октомври да се одржи првиот круг од локалните избори.

– Локалните избори не се определуваат за желбата на кој било политичар, било и тој да е премиерот. Локалните избори се одржуваат во точно определен термин според Уставот и законот, а уставниот и законски термин за локални избори е 17 октомври, посочи Милошоски, додавајќи дека секој друг темин би бил „неуставен и би можело да го загрози целиот изборен процес како незаконит“.

Меѓутоа, според премиерот Заев, одржувањето на изборите по термин по 17 октомври не е противуставно и додаде оти факт за тоа е што одложување или пролонгирање на изборите се случи и во 2004, 2005 и во 2017 година.

– Не е неуставно, а тоа го потврдува 2004, 2005 година, одложувањето на изборите и во 2017 од пролет на есен, со измена на Законот за изборите каде што се вели дека градоначалниците и советите ги вршат функциите се до избор на нови градоначалници и совети. Законот вика избори да се одржат во годината кога се навршуваат четири години и затоа е дозволено плус минус 15 дена, пет месеци и теоретски 12 месеци, рече Заев.

Тој посочи и дека одложување на изборите од септември за втора половина на октомври се случи на барање на опозицијата.

За албанскиот блок пак датумот не е проблем.

Шефот на дипломатијата и член на ДУИ, Бујар Османи, пак, вели дека за Демократската унија за интеграција е прифатлив кој било датум за локалните избори за кој ќе се договорат политичките партии, а истото гио иозјави и лидерот на Алијанса за Албанците кој рече дека е подготвен за победа.

 

23.07.2021 - 08:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега