За власта новиот предлог ги содржи сите наши барања и забелешки, опозицијата излегува на протест

Владата вчера почна широки консултации за францускиот предлог за деблокирање на евроинтеграциите на земјава, најпрво со коалициските партнери. Веднаш по средбата со лидерите на партиите од владината коалиција, Францускиот предлог беше објавен и на веб-сајтот на Владата. Според власта овој предлог е солидна основа за градење став и во него се инкорпорирани сите наши барања и забелешки. Спротивно на тоа, опозицијата смета дека предлогот ги содржи сите бугарски барања и се приклучи на иницијативата за протест кој ќе се одржи вечер во 19 часот на платото пред Владата.

Во текот на вчерашниот ден, покрај средбата со коалицијата, Владата одржа консултации и разговори со експертската и стручната јавност, како и медиумите.

Премиерот Димитар Ковачевски нагласи дека пред нас имаме европски предлог за деблокада на нашите евроинтеграции и, како што порача, од нас зависи каква одлука ќе донесеме за иднината на нашите деца и за европеизација на државата.

Според него, новиот модификуван предлог сега веќе не е само француски, туку е и европски предлог, во кој се вклучени сите наши барања и забелешки што беа изложени на претходната верзија на предложениот текст.

Тој додаде дека му е драго што на Самитот ЕУ – Западен Балкан минатата недела не го прифативме првичниот предложен текст и покажавме што точно бараме и што сакаме.

– Сега имаме предлог што ги вклучува сите наши барања, додаде премиерот, најавувајќи дека Владата пред да го даде конечниот одговор дали ќе го прифати предлогот, ќе спроведе консултации со сите институции во државата, претседателот на Републиката, Собранието, политичките партии, невладиниот сектор и стручната јавност.

Иако, Владата може сама да донесе одлука по однос на предлогот, сепак ќе биде побарано мислење и од Собранието, кое самото треба да реши дали тоа ќе го стори на пленарна седница или за документот ќе се произнесат надлежните собраниски комисии.

Земјава нема временски рок до кога треба да даде одговор и од нас зависи дали ќе го почнеме нашиот пат за неколку дена или недели или ќе одолговлекуваме.

Измените во новиот европски предлог во однос на претходната верзија се однесуваат на тоа што е прифатено нашето барање во преговарачката рамка да не се внесува протоколот што произлегува од член 12 од билатералниот Договор со добрососедство со Бугарија и спроведувањето на обврските што произлегуваат од него, односно  во преговарачката рамка не се вклучени историските прашања.

Втората измена се однесува на тајмингот на стартот на преговорите. Со првиот предлог се предвидуваше со негово прифаќање формално да се одржи првата меѓувладина конференција, но дури откако ќе го промениме Уставот за „вклучување на Бугарите“, да се одржи втора меѓувладина конференција и тогаш да започнат преговорите со сите предвидени процеси. Со новиот предлог, преговорите почнуваат со одржувањето на првата меѓувладина конференција кога ќе стартува и процесот на скрининг и во кој период треба да извршиме промена на Уставот со која во Преамбулата и во Амандманот 12, во делот каде покрај македонскиот народ се наведени припадниците на останатите народи што живеат во земјава би се додале и Хрватите, Црногорците и Бугарите. Со завршување на овие процеси по автоматизам ќе се одржи втората меѓувладина конференција и почнуваат преговорите по кластери.

Во рамката се наведува и дека таа ќе биде преведена на македонски јазик, без никакви додавки, дообјаснувања или фусноти, туку само е оставен простор во Записникот од заседанието на Советот на ЕУ, на која ќе биде усвоена рамката, Бугарија да внесе унилатерални изјави во кое би го објаснила својот став за јазикот, но таа не станува дел од преговарачката рамка. Исто такво право да додаде унилатерална изјава во Записникот по ова прашање има и нашата земја.

Во однос на македонскиот јазик, Софија прво инсистирала во Преговарачката рамка воопшто да нема реченица во која ќе се спомене јазикот по примерот со Црна Гора, потоа да стои терминот „официјалниот јазик на Северна Македонија“, потоа „македонски јазик согласно Уставот на Република Северна Македонија“ или пак на место каде што е наведено македонски јазик со фуснота да биде појаснето дека тоа е согласно нашиот Устав или да биде наведен бугарскиот став по ова мислење. Меѓутоа сите овие предлози на Бугарија се одбиени од наша страна со ставот дека „не преговараме за јазикот“ и тие не се вклучени во предложениот текст, туку во преговарачката рамка децидно е наведено македонски јазик без никакви додавки или објаснувања. Со тоа македонскиот јазик станува еден од 25-те јазици на ЕУ и како таков е дел од преговарачката рамка.

Наша цел во целиот тој процес не била да се убеди Бугарија да го смени ставот, туку да се потрудиме тој бугарски став да не стане и европски, во што е успеано.

Конечниот предлог се базира на предложената Преговарачка рамка од страна на Европската комисија за време на португалското претседателство со ЕУ и во него како и во сите досегашните предлози, Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство биле наведени во основниот документ, во преговарачката рамка, во параграфот 5, при што е наведена формулацијата дека ќе се бараат „опипливи резултати за нивно спроведување“ за што проценки ќе дава Европската комисија.

Делот за почитување на „правата на малцинските и етничките заедници“, всушност произлегува од Копенхашките критериуми за малцинските права, само што сега тие се поместени во посебен параграф и во нив посебно не се нагласени правата на Бугарите, туку се говори за почитување на правата на сите малцински, а не само на етничките заедници.

Ковачевски потенцира оти предлогот го гледаат како солидна основа за градење сериозен, одговорен и државнички став за можноста која се отвора за нашата земја. Ветивме, рече тој, дека ќе се избориме да ги задржиме клучните црвени линии кои со месеци ги повторувавме и за кои Собранието усвои консензуална Резолуција.

Тој ги повика партиите вклучувајќи ги оние кои беа против влез во НАТО да разговараат, да се погледне предлогот и заедно да биде донесена одлуката дека државата ќе оди во насока на влегување во ЕУ бидејќи со носење на правилна одлука ние започнуваме со првата меѓувладина конференција со ЕУ.

Во однос на тоа дали ќе се стаса до консезус или некоја од партиите нема да го прифати овој предлог, Ковачевски смета дека обврска на секој политичар во државата е да мисли за генерациите напред, не да мисли само на својата политичка кариера и на својот изборен резултат.

02.07.2022 - 10:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега