Николовски: Димовски итно да закаже седница


Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска, од пред Собранието, го повика претседателот на собраниската Комисија за земјоделство, Љупчо Димовски итно да закаже седница за да бидат рагледани, а потоа од Парламентот и донесени измените на Законот за земјоделско земјиште.

Како што истакна Николовски, Димовски ги блокира измените и со тоа им нанесува директна штета на земјоделците.  Според министерот, предложените законски измени не се популистички, туку системски.

Засегаат над 10 000 закупци, а ќе им овозможат  целосна сигурност на земјоделците да го користат земјиштето во период од истекување на постојните до склучување нови договори, како и загарантирано право на субвенции.

-Повеќе од еден месец Димовски не ја закажува седницата за да поминат измените на Законот за земјоделско земјиште, предложени од пратениците, по скратена постапка уште од 19 февруари.

Измените предвидуваат можност земјоделците што имаат истечен договор за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, да можат непречено да го користат земјиштето до склучување нов договор и за тоа да го остваруваат правото на субвенции во периодот и на изборниот процес.

На тие закупци, правото на користење на земјиштето во овој период во Единствениот регистар на земјоделски стопанства ќе им биде запишано по службена должност на Министерството, без барање и трошоци за елаборати и административни такси, објасни Николовски.

25.03.2024 - 15:02

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега