1000 производи се премногу: Трговците бараат Владата да го намали списокот
Стопанската комора на трговци на големо и мало претежно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалаци и тутун, денеска до Владата, Министерството за економија и труд и Државниот пазарен инспекторат ги доставила предлозите за обезбедување ефективни мерки за намалување на цените на групи производи.
Како што информираат од Комората, предлозите се подготвени по одржаниот состанок во петокот во Министерството за економија и труд, заедно со министерот, заменик-министерот, претставници од релевантни институции, како и членови на Комората.
Членот на Комората, Даница Блажевска од Рептил маркети во петокот по средбата во Министерството изјави дека претставниците на трговците и дистрибутерите побарале да има реално намалување на цените на 100 до 200 производи зашто со првичната формула се опфатени над 1.000 производи, заради што, како што рече, не можат да постигнат ефект да се спуштат што повеќе цени и да бидат што подостапни за граѓаните. Порача оти сметаат дека е подобро заедно со производителите и добавувачите да направат реално намалување на цените на 100 до 200 производи кои се најнеопходни за секојдневното живеење кое ќе биде видливо за граѓаните.
- Бараме да се намали големиот број на производи кои се опфатени во мерката и да се сведе на 100 до 200 кои се вистински потребни, бидејќи сега се опфатени над 1.000 производи. Тоа создава проблем во секојдневното работење за контрола на цени за да добиеме подобри цени од произведувачот и добавувачот. Тоа е многу напорно и не може да се постигне доволна контрола, бидејќи се случуваат злоупотреби со картончињата на кои се напишани цените, ги вадат, паѓаат. Тоа, пак, ни создава голем ризик фактор дека може да дојде инспекција и да ни најде дека е неодбележана цената, рече Блажевска по средбата во Министерството за економија и труд.
Прашана дали може да се злоупотреби дополнителниот период што им е даден за спроведување на мерката за да се направи дополнително зголемување на цените, Блажевска рече дека маркетите постојано добиваат нови ценовници со зголемени цени.
- Заедно со произведувачите и добавувачите даваме напор да не се покачуваат цените за да може да се најде некое заедничко решение. Токму тоа е и предлогот на Владата да најдеме заедничко решение за што добивме разбирање од нивна страна, посочи Блажевска и додаде дека очекува до понеделник да завршат анализите на Министерството.
Од Министерството за економија и труд денеска за МИА посочија дека на состанокот во петокот било договорено конечната одлука да биде донесена до крајот на неделава.
- Кога ќе има одлука, ќе ја информираме јавноста, изјавија за МИА од Министерството.
По зголемувањето на цените на храната и двата граѓански бојкота, минатата недела во вторникот Владата на седница го задолжи Министерството за економија и труд да подготви Предлог-одлука за ограничување на бруто профитната маржа на 10 проценти во трговијата на големо и во трговијата на мало на дел од основните прехранбени производи, средствата за хигиена и бебешката храна.
Со Предлог-одлуката требаше да бидат опфатени основните прехранбени производи на истите 73 групи на производи кои беа во претходните кошници, но и детергентите, бебешката храна и други непрехранбени производи кај кои е забележана многу висока маржа, а се дел од основните потреби на граѓаните.
Ваквата одлука се темелеше на шестмесечниот извештај од Државниот пазарен инспекторат, според кој кај трговците на мало беше утврдено дека има над 20 отсто маржа на основните прехранбени производи и над 30 отсто маржа кај средствата за лична хигиена, додека кај увозниците и дистрибутерите се евидентирани повисоки маржи кои одат дури и до 50 отсто.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа