АД МЕПСО: Невистинити се тврдењата дека МЕПСО, отпишал, односно простил 14 милиони евра долг на свои должници

„Невистинити се тврдењата дека Управниот одбор на АД МЕПСО отпишал, односно простил околу 14 милиони евра долг на свои должници, а сето тоа поткрепено во медиумите со исечок т.е дел од Одлука на Управниот одбор на АД МЕПСО каде што јасно стои дека се врши резервација на средства а не отпис или простување на истите, што се сосема различни термини кои мора да се разликуваат“, реагираат од АД МЕПСО преку писмен допис до медиумите.

Во продолжение ИНТЕГРАЛНО Ви ја пренесуваме реакцијата на АД МЕПСО испратена до медиумите во врска со презентирање на информациите во медиумите по објавениот извештај на Државниот завод за ревизија.

„АД МЕПСО најостро реагира во однос на начинот на презентирање на информациите во медиумите по објавениот извештај на Државниот завод за ревизија, а кои во одредени случаи се ставени во несоодветен контекст, АД МЕПСО ја дава оваа информација за јавност.

Во интерес на објективно и целосно информирање на јавноста наместо половични информации и во дел од медиумите, додадени нестручни и паушални коментари, кои даваат поинаков тон за работата на компанијата, ги презентираме следните факти:

- Членовите на Управниот одбор на АД МЕПСО се избрани лица со мандат од 4 (четири) години, и како избрани лица кои имаат статус на менаџери тие во согласност со Законот за трговски друштва на РСМ имаа склучено Менаџерски Договори во кои се уредени нивните права, обврски и одговорности, се до траење на нивниот мандат. Како едно од правата кои го имаат членовите на Управниот одбор на Друштвото е и правото на отпремнина во износ од 12 месечни плати, кои го остваруваат само доколку им биде прекинат мандатот, пред да истече истиот т.е. доколку мандатот им прекине пред истек на периодот од 4 (четири) години, за кој се избрани. Впрочем вакви Менаџерски Договори имаа сите избрани лица (менаџери) и во другите државни компании т.е. Акционерски Душтва во државна сопственост. Оттаму, не се точни наводите кои се пласираат во јавноста дека членовите на Управниот одбор на кои им прекинал менаџерскиот договор пред истекот на мандатот земале отпремнина само за еден или неколку месеци директорување (како што тврдат дел од  медиумите). Вистината е дека согласно склучените Менаџерски Договори членовите на Управниот одбор на кои им прекинал менаџерскиот договор пред истекот на мандатот, можат да стекнат право на отпремнина само доколку имаат најмалку 6 (шест) месеци остварен мандат како менаџер во АД МЕПСО. Исто така не е точно дека членовите на Назорниот одбор на АД МЕПСО земале отпремнини, бидејќи тие немаат Менаџерски Договори и такви права не им следуваат.

Во однос на тоа дека членови на УО ја тужеле компанијата и добиле отштета, го појаснуваме следното:

-двајца бивши членови на Управниот одбор на АД МЕПСО, на кои им бил прекинат мандатoт пред истиот да им истече, поднесоа тужби за исплата на отпремнини согласно склучените Менаџерски Договори до Основниот граѓански суд Скопје. Само на еден од нив судот со правосилна пресуда му досуди отпремнина во износ од 12 месечни плати, но на другиот поранешен член на Управен одбор судот му го одби тужбеното барање, и таа одлука е правосилна.

Во однос на тоа дека во текот на 2021 год. и 2022 год. има судска постапка од поранешен генерален директор го посочуваме следното:

танува збор за непроверена информација бидејќи името и презимето на поранешен член на Управен одбор кој го тужеше АД МЕПСО за отпремнина и судот го одби во тоа негово тужбено барање е исто со името и презимето на еден од подоцнежните членови на Управен одбор на АД МЕПСО кој ја вршеше функцијата Претседател на Управен одбор и Генерален Директор на АД МЕПСО, кој го нема тужено АД МЕПСО.

Во однос на делот кој се однесува на ТЕЦ Неготино, АД МЕПСО дообјаснува дека  согласно законската обврска за обезбедување на ладна резерва, компанијата беше задолжена од законодавецот по овој основ да врши плаќање кон ТЕЦ Неготино, како законска обврска која предходно законодавецот му ја имаше дадено на АД ЕЛЕМ (сега АД ЕСМ).

Исто така невистинити се тврдењата дека Управниот одбор на АД МЕПСО отпишал, односно простил околу 14 милиони евра долг на свои должници, а сето тоа поткрепено во медиумите со исечок т.е дел од Одлука на Управниот одбор на АД МЕПСО каде што јасно стои дека се врши резервација на средства а не отпис или простување на истите, што се сосема различни термини кои мора да се разликуваат.

Посочуваме дека ваквите написи во дел од медиумите фрлаат дамка врз успешното работење на Друштвото поради што сметаме дека во интерес на пообјективно информирање на јавноста е нужно потребна поголема соработка меѓу двете страни“.

11.04.2023 - 18:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа