Агелер: Коридорот 8 е инвестиција во иднината на Северна Македонија, на сите земји, кои ги поврзува и пошироко
Американската амбасадорка Анџела Агелер денеска на свечената церемонија на поставување камен-темелник на проектот Коридор 8 во своето обраќање пред присутните истакна дека ова е посебен ден за Северна Македонија, за Западен Балкан и за цела Европа, но и многу голем ден за САД и за американскиот бизнис во земјава.
Агелер, која присуствуваше на поставувањето камен-темелникот на Коридорот 8, со што се означи почетокот на изградбата на модерен, современ автопат Тетово - Гостивар, Гостивар - Букојчани, Требениште - Струга - Ќафасан нагласи дека подобрувањето на патиштата во Северна Македонија е од витално значење за економскиот развој.
-Ова е инвестиција во иднината на Северна Македонија и на сите земји поврзани со Коридорот 8 и пошироко. Подобрувањето на патиштата во Северна Македонија е од исклучително значење за економскиот развој. Развојот на оваа модерна патна мрежа ќе помогне да се движат луѓето, да се движат стоките и да се привлечат инвестиции. Добрите транспортни рути како Коридор 8 ќе и помогнат на Северна Македонија да ја подобри својата регионална интеграција и да изгради подобри односи со своите соседи, рече Агелер.
Таа нагласи дека ова е повеќе од една обична инвестиција во патиштата во Северна Македонија, потенцирајќи дека станува збор за инвестиција во иднината на земјава, но и на сите држави поврзани со Коридорот 8 и пошироко.
Агелер изрази благодарност до Владата на Република Северна Македонија, до претставници на „Бехтел и Енка“ и на целите тимови за нивните напори за отпочнување на овој проект.
Американската амбасадорка изрази уверување дека работите ќе се движат брзо и успешно при изградбата на оваа, како што рече, современа патна мрежа, која ќе доведе до зближување на луѓето од регионот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа