Александар Филиповски: Искрен и решителен – сите знаат колку тежи мојот збор
Особено ме разочара е негативната кампања која почна многу рано во кампањата. ВМРО-ДПМНЕ се осмели да го нападне моето семејство и компанијата која сме ја граделе со генерации и успешно се развива повеќе од 45 години. Компанија која ја вовлекоа во предизборна кампања, не размислувајќи ниту на повеќе од 100-те наши вработени и нивните семејства кои секојдневно стрепат следејќи ги дневните случувања. Навистина очекував повеќе почит и основно ниво на култура, вели Александар Филипосвки, кандидат за градоначалник на Аеродором.
Потенцира дека граѓаните треба да бидат свесни дека главните штети за Општина Аеродром се направени од претходното раководство, предводено од ВМРО-ДПМНЕ – а тоа е носење на детално урбанистички планови кои го нарушија квалитетот на живот во општината.
-Таков плац, кој е зеленило а во приватна сопственост, постои и сега близу ООУ„Ѓорѓија Пулевски“ и тоа јавноста мора да го знае, не смее да остане премолчено. Јас ветувам дека на тој плац никогаш нема да никне зграда, затоа што детален урбанистички план таму се уште нема и имаме можност да спречиме. Доколку општината падне во раце на опозицијата, не сум сигурен дека тоа ќе биде случајот - судејќи по претходните постапки, вели Александар Филиповски кандидат на СДСМ за градоначалник на Аеродром во интервју за Прес24.
ПРЕС24: Предизборната кампања е во финишот. Како ја оценувате досега?
ФИЛИПОВСКИ: Искрено, очекував повисоко ниво за овој предизборен процес. Морам да кажам дека ми е многу мило што за првпат имаме повеќе кандидати, затоа што ова значи дека граѓаните можат да слушнат повеќе понуди. Секако, квалитетот на понудите е нешто на кое ќе треба дополнително да се работи. Мислам дека она што недостасува на политичката сцена е сериозниот пристап кон изработка на програмите, односно проекти кои се добро осмислени, потребни, реални и изводливи, а не наменети да агитираат во предизборниот процес. На пример, од програмата на ДПМНЕ речиси сите проекти се невозможни или веќе реализирани. Плацевите на кои предвидуваат градинки и зелени површини, промовирани на бројните спотови, се или приватна сопственост или не се воопшто предвидени во деталните урбанистички планови. Да не се разбереме погрешно – јас не велам дека тука не треба да има градинки или зелени површини, само велам дека е невозможно ова да се вети и е срамота да се манипулира со народот на овој начин. Истото се однесува и на паркинг местата – 3000 паркинг места се 12 катни гаражи. Ова е невозможно да се реализира и финансиски и во однос на локации – освен ако не сечеме зелени површини.
Исто така, тоа што особено ме разочара е негативната кампања која почна многу рано во кампањата. ВМРО-ДПМНЕ се осмели да го нападне моето семејство и компанијата која сме ја граделе со генерации и успешно се развива повеќе од 45 години. Компанија која ја вовлекоа во предизборна кампања, не размислувајќи ниту на повеќе од 100-те наши вработени и нивните семејства кои секојдневно стрепат следејќи ги дневните случувања. Навистина очекував повеќе почит и основно ниво на култура.
ПРЕС24: Кои се вашите главни адути и аргументи за последната недела од кампањата?
ФИЛИПОВСКИ:Главните адути ги поставив на почетокот и до истите се држам до крај. Имаме најквалитетна понуда, и знам дека тоа е така затоа што е правена заедно со граѓаните. Во следните четири години ќе инвестираме во рамномерен развој на Општината, дополнување и грижа за зеленилото, исклучително одржување на јавната хигиена преку набавка на цистерни и реорганизација на комуналните служби. Од капиталните проекти планираме изградба на две нови градинки, младински центар, два затворени базени, монтажни катни гаражи, ќе го доградиме ООУ „Блаже Конески“, а предвидуваме и многу други проекти. Општината ќе стане вистински сервис за граѓаните, воведуваме дигитални алатки и ги враќаме во функција месните заедници.
Како човек сум искрен и решителен – сите кои ме познаваат знаат колку тежи мојот збор. Во општина Аеродром сум цел живот, го познавам секој агол и знам што е потребно да се направи за да го подобриме квалитетот на живот за сите жители. Целото мое професионално искуство, повеќе од 14 години во приватниот сектор, ќе го вложам тука, во општината која отсекогаш била и ќе биде мојот дом. И знам дека граѓаните препознаваат искреност.
ПРЕС24: Влеговте во трка за градоначалник на Општина Аердором, каде Вашата партија изминативе 4 години имаше градоначалник, кој сега не е кандидат. Колку е предност тоа, колку хендикеп?
ФИЛИПОВСКИ:Во овие четири години во општината се изградија две нови градинки – колку што претходното раководство успеа да направи за осум години. Се реши деценискиот проблем со недостаток на капацитети во ООУ „Лазо Ангеловски“, каде децата со години одеа во училиште во три смени. За првпат општината почна да помага директно на семејните буџети – ги презема трошоците за основно образование, се доделуваат по 3.500 денари за секое прваче, 8.000 за секое новороденче, 10.000 денари за талентирани спортиси, 500.000 евра поддршка за локалните спортски клубови, субвенции за енергетска ефикасност. Секако дека останаа проблеми кои треба да продолжат да се решаваат и секако дека може подобро. Токму затоа и се нафатив за оваа задача.
Мора да бидеме свесни дека главните штети за Општина Аеродром се направени од претходното раководство, предводено од ВМРО-ДПМНЕ – а тоа е носење на детално урбанистички планови кои го нарушија квалитетот на живот во општината. Муцунски на последната дебата почна да набројува правни механизми. Бидејќи е правник и можеме да претпоставиме дека ги разбира работите, единствено што можам да заклучам е дека отворено манипулира со јавноста. Она што не можам да разберам е како може да си дозволи да го наруши сопствениот интегритет само за да ја добие трката за градоначалничката фотелја.
Вистината е следна: Секаде кадешто се работи за приватна сопственост, било какво оспорување на градежното право ќе биде или оспорено од Уставен суд, како што видовме дека се случува. Или, во случај на обештетување ќе доведе до банкрот на општината. А тоа воопшто не е во корист на жителите на Аеродром.
Така што, лекцијата е дека мора да имаме партиципативен процес при носење на следните ДУП-ови и токму тоа ќе го практикуваме ние како раководство. Ова е нешто што многу недостасува во моментот и клучен пресврт во функционирање на општината. Согласно новиот Закон за урбанистичко планирање, партиципативното тело е орган, механизам кој мораме да го искористиме. Тоа е составено од заинтересирани граѓани од различни урбани заедници (населби), здруженија и стручна јавност. Но, не смее да дозволиме и ова тело да постои само „на хартија“. Ќе се залагам истото да биде функционално, проактивно и да биде наш „коректор“ во делот на урбанистичкото планирање.
ПРЕС24: Кои се петте топ приоритети на Александар Филиповски за Општина Аеродром?
ФИЛИПОВСКИ: Исклучително високо ниво во одржување на јавната хигиена. До чисти улици и паркови, преку набавка на нови цистерни и реорганизација на комуналните служби.
2. Повеќе грижа и надополнување на зелените површини – најмалку 5.000 високоизраснати дрвја и нов парк од над 5.000 метри квадратни.
3. Инвестиции во модерно и инклузивно образование, вклучително зголемување на капацитетите кадешто е најпотребно. Изградба на две нови градинки, реконструкција на „Пчелка“ во населба Лисиче и доградба на ООУ „Блаже Конески“.
4. Повеќе и загарантирани паркинг места за жителите на општина Аеродром – со изградба на две нови катни гаражи и воведување зонско паркирање.
5. Силни инвестиции во услуги за лица во социјален ризик, локален економски развој, култура за сите и спорт без ограничувања – за севкупно подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани во општината.
ПРЕС24: Слоганот за овие локални избори на СДСМ е Најдоброто. Најдоброто за Скопје, најдоброто за Аеродором. Што е најдобро?
ФИЛИПОВСКИ:Најдобра е понудата. Мислам дека ова е клучно. На крајот на денот, граѓаните за тоа треба да гласаат. Во локалната политика, за разлика од централната, работите се многу видливи. Самите луѓе знаат што им е потребно во своето маало, а знаат и што е реално и изводливо. Токму затоа, на овие трки манипулациите кои се обидува да ги направи ДМПНЕ не поминуваат. Убеден сум дека граѓаните на 17-ти масовно ќе гласаат за најдоброто.
ПРЕС24: Еден од главните моменти за кои стравуваат жителите на Аеродром, особено откако никна новото Ново Лисиче, и новите згради на местот околу поликлиниката Јане Сандански и долж Булеварот е што ако некому му текне дека низ празниот простор меѓу зградите има доболно место за нови објеки... Прашањето е хипотетичко, но не е нелогично... Што би одговориле на таква загриженост?
ФИЛИПОВСКИ: Помина времето на ДПМНЕ кога се продаваа тревници и се претвараа во градежни парцели. Таков плац, кој е зеленило а во приватна сопственост, постои и сега близу ООУ„Ѓорѓија Пулевски“ и тоа јавноста мора да го знае, не смее да остане премолчено. Јас ветувам дека на тој плац никогаш нема да никне зграда, затоа што детален урбанистички план таму се уште нема и имаме можност да спречиме. Доколку општината падне во раце на опозицијата, не сум сигурен дека тоа ќе биде случајот - судејќи по претходните постапки.
Јас гарантирам дека никогаш нема да дозволам узурпација на јавниот простор, особено на зеленило. Ликот на општината ќе го дефинираме заедно со граѓаните – и тоа преку Партиципативното тело за урбанизам и целосен увид во работата на општината.
ПРЕС24: Што според Вас ќе значи победа на СДСМ на овие избори?
ФИЛИПОВСКИ: Значи дека познатата „дупка“ во Ново Лисиче ќе си остане отворена, како што доликува и како што сакаат жителите;
Дека аеродромци конечно ќе добијат мултикултурен центар во рамки на општинската зграда – идеен проект кој беше избран на најтранспарентен начин;
Значи дека наместо „фиктивни паркови“ ќе имаме огромен број на високоизраснати дрвја и нов парк од над 5.000 метри квадратни долж кејот на Вардар;
Исклучително високо ниво на одржување на јавната хигиена – набавка на нови цистерни и реорганизација на комуналните служби;
Повеќе и загарантирани паркинг места за жителите на Аеродром;
Две нови градинки и реконструкција на „Пчелка“ во Ново Лисиче;
Доградба на ООУ „Блаже Конески“ и континуирано инвестирање во модерно и инклузивно образование;
Изградба на младински центар;
Нови и зајакнати услуги за лицата во социјален ризик – нешто што за жал не го слушнав во ниту една друга програма;
Картичка за попуст за жителите на Аеродром, која ќе можат да ја користат за локалните бизниси;
Бројни инвестиции во култура, спорт, локален економски развој – со посебен фокус на женското и социјално претприемништво.
Значи дека Аеродромци ќе добијат градоначалник кој е нивни сосед и пријател, а воедно има искуство и познавања да ја претвори општината во вистински сервис на граѓаните. Ќе добијат и советници кои се професионалци во разни области, вредни и достојни на задачата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа