Алексовски: Зад разрешувањето на јавниот обвинител се крие обид за инсталација на партиски послушник

 


Се случува процес на партизација и политички упад во правосудниот систем на државата од страна на власта, оценува Александар Алексовски, од правната комисија на СДСМ.

„Без разлика дали се согласуваме или не, со работата на Републичкиот јавен обвинител, јасно е дека делувањето на ВМРО-ДПМНЕ е со единствена цел: да изврши упад во независноста на правосудната власт и да инсталира обвинител кој ќе биде послушник на власта.

Ова значи газење на демократијата, газење на уставната поделба на власта и враќање кон мрачните времиња на контролирани судии, обвинители и судски процеси“.

Потенцира дека не станува збор за изолиран случај туку за политичка намера.

Потсетува дека сопруга на градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ беше назначена за член на Судскиот совет а сопартиец на Меџити во Советот на јавни обвинители.

Ова, како што вели, не се реформи туку класична партизација.

„Мицкоски ги фрла на буниште реформите во правосудството, презема целосна контрола и партизација на институции кои треба да се независни.
Прашање е дали постапката за разрешување е покрената затоа што обвинителот не прифатил да постапува по политички диктирани случаи? Изјавите на извршната власт дека нема да го земе предвид мислењето на Советот на јавни обвинители се спротивни на законот и сите правни стандарди. Во Законот за јавно обвинителство – член 63, став 3, јасно е предвидено дека Советот на јавни обвинители треба да даде мислење по предлог на Владата“.

Додава дека ако ова не се почитува, тогаш власта и де факто и де јуре потврдува дека има намера да го поништи принципот на поделба на власта и да ги контролира правосудните институции.

Ги повикува сите демократски сили, граѓаните, правните експерти и меѓународните институции да го следат овој процес и да не дозволат да биде уништена независноста на правосудната власт.

Тој нагласи дека функцијата Јавен обвинител на Република Северна Македонија мора да остане независна и да се врши без било какви политички притисоци.

19.02.2025 - 12:37

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега