Алтернатива го сака местото на Филипче
Алтернатива го сака Министерството за здравство и едно од четирите вицепремиерски места, објави Алсат повикувајќи се на неофицијални информации.
И покрај тоа што Алтернатива смета дека е сè уште рано да се зборува за поделба на ресорите, неофицијални извори велат дека Беким Сали е името кое се спомнува во партиските тела за министер за здравство, објави телевизијата.
Денеска во Клубот на пратеници се сретнаа лидерот на Алтернатива, Африм Гаши и премиерот Зоран Заев. Тие не застанаа пред медиумите да дадат изјави, но детали за средбата соопшти владината прес-служба.
-На средбата беше постигната начелна согласност за програмскиот дел од можната идна соработка изразена преку политичко и извршно учество на Алтернатива во Владата. Соговорниците се согласни дека реформскиот и европскиот курс за кои се определени граѓаните и државата мора да продолжат и дека во овие моменти најважна е стабилноста на институциите на државата кои им служат на граѓаните. На тој начин ќе се обезбедат и најдобри решенија за најголемите актуелни предизвици како што се КОВИД-19 пандемијата и глобалната енергетска криза. Започнаа разговорите за преземање и споделување одговорности во интерес на граѓаните и државата, пришто се разменија мислења околу можните кадровски решенија кои треба да ги преземат потенцијалните обврски и одговорности, односно за соодветните позиции, министри, заменици министри и други раководни лица во рамки на централната власт, се вели во дописот од Владата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа