Американската амбасадорка се надева дека опозицијата не е против уставни измени само за да противречи

Американската амбасадорка Анџела Агелер смета дека македонскиот јазик и идентитет нема да бидат загрозени во процесот со уставните измени. Таа се надева дека опозициските партии во земјава не заземаат одредени позиции околу прашањето за уставните измени само за да противречат.

„Јас се надевам дека опозицијата не зазема одредени позиции само за да противречи, да биде против. Ова е нешто што според мене ја надминува политиката. Ова не треба да биде доведено во врска со партии. Ова треба да биде во врска со тоа што е добро за земјата. И би била моја најискрена желба, гласовите од другата страна, гласовите низ државата кои го доведуваат ова во прашање, да погледнат добро што е тоа што е во најдобар интерес за Северна Македонија, за оваа земја, за сите нејзини граѓани и да донесат такви одлуки и изјави за придвижување на земјата за да стане посилна, а не послаба“, изјави Агелер во вечерашното гостување на ТВ Сител.  

На прашањето како граѓаните на Северна Македонија да веруваат дека Софија нема да поставува нови и нови пречки кои не се поврзани со критериумите за членство во ЕУ, Агелер вели дека тоа е многу важно прашање и тоа е разговор што е клучен за граѓаните на оваа земја да го водат со своите лидери.

„Разбирам што луѓето на оваа земја прифатија и што направија и одлуките кои ги донесоа и одлуките кои тогашните лидери ги донесоа. И тие беа тешки. И беа непопуларни. Промена на името е нешто што ниту една друга држава не морала да го направи. Оваа земја тоа го направи и остана силна. Стана исклучително вреднуван член на НАТО. Дава значајни контрибуции во Украина, на пример. И тоа ми покажува дека оваа земја и нејзините граѓани се многу силни“, рече Агелер додавајќи дека сега повторно се бараат тешки работи од граѓаните на оваа земја, повторно жртви, повторно компромис.

Таа вели дека не може да зборува во името на Бугарија ниту во името на ЕУ.

„Верувам, според она што сум го слушнала од македонските пријатели и контакти во изминатите две декади, а тоа е дека ова е тоа што луѓето на оваа земја го сакаат – сакаат да бидат насочени кон ЕУ, да имаат пристап до европскиот пазар повеќе отколку што имаат сега, да станат целосно интегрирана членка на европската зедница и да бидат дел од евроатланското семејство. Јас верувам и ќе направам се што е во моја моќ да ја помогнам таа евроатланска аспирација зашто мислам дека е важна и мислам дека ќе направи огромна разлика во контекст на економијата во оваа земја, во контекст на можностите кои се достапни за младите во земјава“, додаде амбасадорката.

 

06.12.2022 - 22:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега