Анализа: Пред пратениците четири закони за задолжување во износ од 245.000.000 евра
Четири нови заеми со сила на закон се испратени во Собранието на усвојување. Владата бара да се изгласаат по скратена постапка, пишува Порталб.мк. Што содржат документите за овие нови заеми, за што ќе се трошат и какви камати ќе се плаќаат:
Заем од Француската Агенција за развој АДФ во износ од 50 000 000 евра
Преку државната Развојна банка Владата одлучи да земе заем во износ од 50 000 000 евра. Целта на овој заем, како што се наведува во законскиот текст, е да се помогне на малите и средни претпријатија кои се соочуваат со проблеми поради светската енергетска и економска криза. Заемот ќе го земе Развојната банка на РСМ а државата ќе издаде гаранција за истиот.
“Кредитната линија ќе се користи за поддршка на фирмите за финансирање на зелени и општествено одговорни инвестиции“ – се наведува во документите.
Заемот ќе се повлекува во најмногу 10 транши а минималниот износ на една рата ќе изнесува 3 000.000 евра. Рокот за отплата е 15 години со вклучен грејс период од шест години. Развојната банка ќе и плати на Француската агенција за развој еднократна провизија во висина од 0,4 % од вкупниот износ на заемот. По истекот на втората година провизијата ќе изнесува 0,15% а по истекот на третата година ќе исплати провизија од 0,25% за неповлечените средства. Каматата може да биде фиксна или променлива, но не пониска од 0.25 % а се предвидува дополнителни 3,5% затезна камата доколку основната камата не се плати во утврдениот рок.
Нови заеми
Француската Агенција за развој 50 000 000 евра
ЕБОР 5 000 000 евра
Европска Унија 100 000 000 евра
Кредитна банка за обнова КфВ 90 000 000 евра
Заем од ЕБОР во износ од 5 000 000 евра
Уште еден закон за заем кој Владата го предложи во скратена постапка – 5 000 000 евра од Европската банка за обнова и развој. Кредитниот пакет е наменет за Проектот за заеднички железнички граничен премин Табановце, како дел од железничкиот Коридор 10. Носител на заемот е Министерството за транспорт и врски кое веќе обезбедило и грант од 2 400 000 евра за овој проект.
Минималниот износ на траншата од заемот од ЕБОР се предвидува да биде 500 000 евра , а истата сума ќе се плати доколку има предвремена отплата или откажување. Стапката на провизија изнесува 0,25% а еднократната провизија 50 000 евра. Вкупната сума во износ од 7 400 000 евра според предлог законот ќе се троши наменски.
“Реновирање на постојната железничка станица во Табановце, изградба на нови згради и придружна опрема за железничката станица како и изградба на Пристапен пат во должина од околу 900 метри. Сите градежни работи се очекува да се завршат во рок од 24 месеци од доделувањето на договорот за градежни работи“ – се наведува во Договорот.
Рокот на отплата на заемот е 15 години, со вклучен грејс период од четири години. Заемот ќе се отплаќа на 22 полугодишни рати.
Заем од Европската Унија во износ од 100 000 000 евра
И овој предлог-закон за заем од Европската унија се предвидува да го помине собранискиот филтер по скратена постапка. Носители на заемот е Владата, односно Министерството за финансии а Народната банка ќе биде во улога на “агент“. Заемот е одобрен во јули годинава од страна на ЕУ. Се работи за 100 000 000 евра со просечен рок на отплата од 15 години. Парите ќе се повлечат во две транши.
“Средствата се доделени за надминување на ситуацијата предизвикана од војната во Украина и енергетската криза, заради кои дојде до зголемување на цените на производите. Заемот се доделува заедно со помошта од ММФ во износ од 406,8 милиони специјални права на влечење во рамки на Инструментот за претпазливост и ликвидност (ПЛЛ), усвоен од страна на Одборот на извршни директори на ММФ во ноември 2022 година“ – се наведува во документите.
Сумата од 100 милиони евра се дефинира како буџетска поддршка и ќе се враќа од Буџетот.
Заем од Кредитна банка за обнова КфВ – Германија во износ од 90 000 000
Македонија во јуни го побара а Кредитната банка за обнова КфВ – Германија во јули ни го одбори заемот во износ од 90 000 000 евра. Уште едно задолжување е пред пратениците – на усвојување по скратена постапка. Овој кредит треба да се троши наменски а таргетиран е енергетскиот сектор а треба да помогне за надминување на состојбата поради војната во Украина.
“Доделувањето и користењето на заемот е условено со спроведување на активностите од Програмата за реформи, чии цели се стабилизација и декарбонизација на енергетскиот сектор“ – се наведува во документите.
Кредитот ќе се користи за резерви или како директна поддршка на Буџетот а ќе биде повлечен во една транша, веднаш по финализирање на процедурите. Рокот за отплата е 12 години и 5 месеци, со вклучен грејс период од три години. Каматната стапка ќе се утврдува за траншата од заемот при нејзино повлекување. Еднократната провизија изнесува 0,5% од износот на заемот а предвидена е и провизија од 0,25% на неповлечените средства која ќе се плаќа полугодишно. Првата рата ќе доспее во ноември 2026 та во износ од 4 736 000 евра и оваа сума ќе се отплаќа полугодишно, секој ноември и мај до 2035 година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа