Ангелевска: Новиот Закон за енергетика носи сигурност и премин кон зелена енергија

 


Во вчерашното издание на поткастот „ВМРО-ДПМНЕ Зборува, пратеничка група“, гостуваше пратеничката Силвана Ангелевска, која акцентот  го стави на новиот Закон за енергетика, притоа истакнувајќи дека со овој закон ќе се овозможи безбедност и сигурност во снабдувањето со електрична енергија како и премин кон обновливи извори на енергија, инвестирање во зелена агенда, а со тоа и можност за посветла иднина на граѓаните во Република Македонија.

„Донесовме еден комплетно нов закон, којшто е обемен има околу 317 членови и ја регулира целокупната проблематика на енергенсите во Република Македонија, не само на електричната енергија, на гасот, на топлинската енергија. Го донесовме со европско знаменце. Зошто? Заради тоа што комплетната европска регулатива ја транспониравме во нашето законодавство, тоа е наша обврска бидејќи сме потписници на многу договори ратификувани, нашата обврска кон зелена енергија и наша цел е во иднина да одиме кон зелената енергија, трансформација кон обновливи извори на енергија. Со ова поставивме всушност една законска рамка, којашто значи пред сè сигурност во снабдувањето, безбедност во снабдувањето“, вели Ангелевска.

Во поткастот пратеничката ги посочи целите и можностите кои произлегуваат од овој закон, за кој претстои период на имплементација,  како и дека  претставува одлична рамка, односно основа на која ќе се гради стабилен, фер и транспарентен енергетски систем, кој е од суштинско значење за децениите нанапред.

„Во иднина во рок од неколку години, ми се чини 7 години точно, ќе се стават смарт броила каде што ќе има далечинско отчитување на електричната енергија. Ќе се вградат броила, Владата кажа дека ќе се потруди тоа да биде нула трошок за граѓаните, што е многу важно. Понатаму, дефинирани се условите како може потенцијалните инвеститори да инвестираат во обновливи извори на енергија. Исто така многу значајно за граѓаните тоа што веќе граѓанинот, оние коишто си ставиле фотоволтаици на своите покриви, во иднина ќе можат да бидат и продавачи на вишокот на  електрична енергија, што досега не беше можност. И многу важно ќе се направи нова методологија за ранливи потрошувачи“, рече Ангелевска.

Пратеничката истакна дека претходната власт оставила пустош во областа на енергетиката, поради лошото менаџирање со енергетските капацитети и посочи дека за разлика од минатото оваа Влада е насочена кон инвестирање во зелена енергија, зачувување на  животната средина, справување со предизвиците од фосилните горива и постепен премин кон обновливи извори на енергија.

„Претходната влада во многу области направи хаос, меѓутоа во енергетиката мене ми се чини најмногу. Главната цел на нашата Влада е инвестирање во зелена енергија, во зелена агенда, односно отворање на обновливи извори на енергија, посебно коишто ќе бидат во сопственост на ЕСМ, односно на Македонија. Во нашата „Платформа 1198“ еден од главните фокуси на ветувањето коешто го дадовме на граѓаните беше енергетиката. Суштината е ние да станеме стабилна и енергетски независна земја. Нешто што во иднина ќе се прави, тоа е „Битола 2“ фотонапонската централа, втора фаза од ветерниот парк „Богданци“ и нешто што веќе сериозно се размислува, да се направат таканаречени  когенеративни постројки, тоа се постројки на гас коишто ќе произведуваат и електрична и топлинска енергија“, заклучи Ангелевска.

17.05.2025 - 10:18

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега