Арсим Зеколи: Што Бугарија бара и претпоставката што Бугарија посакува?
Политичкиот аналитичар Арсим Зеколи, во интервју за Прес24, по новото вето од Бугарија вели дека сегашната резигнираност и разочарување од ЕУ е претежно емотивна реакција која ни ја заслепува рационалноста во просудувањето.
-Доколку рационално се осврнеме кон ЕУ и Европа паралелно со различните алернативи, тогаш нештата се малку покомплицирани. Европа (повеќе) и ЕУ (помалку) се суштествено битни за нас, дури и единствена логична опција за малите народи на континентот. Само на овој стар континент може да се случи да државички од типот на Луксембург, Лихтенштајн, Андора постојат како релативно рамноправни фактори. Да каталонци, баскијци, бидат заштитени од “збришување” или целосна асимилација и претопување. А да не зборуваме за троа поголемите државички и народи од милион, два, три припадници бидат глобален фактор со посредство на унијата и спремноста на моќните држави да отстапат делче од сопствената моќ во нивна корист, вели Арсим Зеколи во интервјуто за Прес24.
Потенцира дека во нашето општество, како и по сите други прашања, имаме диспаритет во толкувањата за барањата и мотивите.
-Конкретно во случајот што Бугарија бара и претпоставката што Бугарија посакува, вели Зеколи.
Зеколи, кој важи за конструктивен и жестоки критичар на политичките елити во Македонија, вели дека инклузивност на општеството и концептот „Едно општество за сите“, веќе е само флоскула која не функционира.
-Шансата од 2015-16 е пропуштена, за подолго време. Се што преостана од тоа време се варијации на темата, киднапирана од коруптократите, партократите и медиумската клиентела. Таа приказна, барем според мене, е завршена.Она што може да се стори сега е да се почне од сам почеток. Тоа подразбира градење на нов организам на невладини организации, нов медиумски концепт, нови медиуми и ликови, нов пристап кон приватниот сектор. Никулците на тие нови здружувања треба да се постават денес, за да плодовите никнат после десет или петнаесет години. Со надеж дека дипломатијата и тинк-тенковштината нема повторно да влета во последен час и го уништи трудот на добронамерните, вели Арсим Зеколи, политички аналитичар во интервју за Прес24.
ПРЕС24: Одминува уште една година во која за Македонија најсигурна е само надежта дека еден ден ќе почне преговори со ЕУ. Се живее ли со надеж?
ЗЕКОЛИ: Не, со надеж само се преживува. И тоа ни се случува последниве двааесет години. Вистинскиот живот се живее со верба, во себе, во иднината, во способноста и решителноста да се постигне определена цел. Можеби тоа е и најдлабоката црвена линија која не дели сите во оваа земја. На една страна оние кои сакаат да живеат и веруваат во себе па затоа се иселуваат. На друга, оние кои се помириле со преживување на “минималец” и надеж дека и нив ќе ги огрее сонцето некој ден.
ПРЕС24: Можна ли е иднина на Македонија без членство во ЕУ?
ЗЕКОЛИ: Секако дека е можна. Имало живот и пред ЕУ, и пред НАТО, СФРЈ, Кралства, Отоманско ... Но сегашната резигнираност и разочарување од ЕУ е претежно емотивна реакција која ни ја заслепува рационалноста во просудувањето. Доколку рационално се осврнеме кон ЕУ и Европа паралелно со различните алернативи, тогаш нештата се малку покомплицирани. Европа (повеќе) и ЕУ (помалку) се суштествено битни за нас, дури и единствена логична опција за малите народи на континентот. Само на овој стар континент може да се случи да државички од типот на Луксембург, Лихтенштајн, Андора постојат како релативно рамноправни фактори. Да каталонци, баскијци, бидат заштитени од “збришување” или целосна асимилација и претопување. А да не зборуваме за троа поголемите државички и народи од милион, два, три припадници бидат глобален фактор со посредство на унијата и спремноста на моќните држави да отстапат делче од сопствената моќ во нивна корист.
Повеќе од десет години предупредувам дека треба да правиме разлика помеѓу легитимната критика и кавга со ЕУ или САД и наивната верба дека тревата е позелена од онаа страна на истокот. Нашите кавги и префрлувања и замерки се нормални се додека нив ги третираме како дел од припаѓањето на истото семејство. Притоа би требало да имаме на ум дека тоа е единствено можно токму во ова европско и транс-атлантско семејство, но е едноставно незамисливо да мали народи ја уживаат таа привилегија низ други меридијани со далеку побрутален однос кон малите држави и народи. ЕУ не е создадена како плод на љубов, на романтични замисли, туку како заеднички именител на грст моќни интереси и десетици и десетици нужни потреби. Поради што, одговорот на вашето прашање е дека иднина ќе имаме и без ЕУ. Но извесна иднина каква посакуваме и ни е насушно потребна – апсолутно не.
ПРЕС24: Дали македонското општество реално ја разбира Бугарија и нејизните позиции, иако рално во Европа нема некој јасен поглед на тоа што Бугарија сака?
ЗЕКОЛИ: Во нашето општество, како и по сите други прашања, имаме диспаритет во толкувањата за барањата и мотивите, конкретно во случајот што Бугарија бара и претпоставката што Бугарија посакува. Да почнеме со фактите. Бугарија ја има признаено неависноста на Македонија како држава. Да сакаше, ќе заземеше став според српскиот модел кон Косово за “Македонија е срце на Бугарија”. Циниците ќе кажат дека била приморана, била приклешетена од западот. На таквите ќе им препорачам да ги консултираат сведочењата на Амбасадорот Виктор Комрас од раните 90ти години. Бугарија недвосмислено не подржа во нашите членства во ООН, ОБСЕ и најбитно, инсистираше на наше членство во НАТО, значи во организација која ние самите ја сметаме како гаранција на нашата сувереност, интегритет и независност. Бугарија подржува и промовира јакнење на Коридорот 8 во кој лежи нашиот интерес за диверзификација на сообраќајот и избегнување од заложништво. Токму како што ни се случуваше во 90тите години и кога излезот го баравме преку Деве Баир и Ќафасан. Тоа е за фактите што Бугарија бара.
Но во нашиот дискурс, чинам, има неспоредливо пожестока дебата за тоа што ние претпоставуваме дека Бугарија посакува. И тоа е таа стара матрица на елиминација преку импутирање на скриени мотиви за да се избалансираат или дефокусираат транспарентните побарувања. Бугарија сака да обезбеди сопствена сфера на интерес во регионот воопшто и во Македонија особено. Делумно дел од тој интерес е соузнички вклопен во пошироката стратегија на ЕУ и НАТО, делумно е унилатерално, национално диктиран како и интересите на останатите земји во регионот. И затоа не сум сосема убеден во нарацијата дека Европа и САД не ги разбираат. Можеби политичко-парламентарните кругови се искрено непријатно изненадени од сите овие кавги, но длабинските центри на моќ се добро запознаети и имаат далеку поизбалансиран однос. Така беше и со спорот со Грција, за кој имавме нескриени симпатии и подршка се до 2008 година, за потоа меѓународната да ги уважи и аргументите на грчката страна, токму поради нашите постапки.
За жал, добар дел од политиците во Бугарија самите даваат аргумент за сомнеж преку изјави кои само го засилуваат дискурсот за скриените мотиви и ги минираат легитимните државни ставови или стратегијски интереси. Морам да признам дека за мене беше и се уште е големо изненадување сознанието дека Софија има сосема солидно хоризонтално познавање на севкупните состојби во Македонија и регионот, но неверојатно кревко – да не кажам површно - познавање на вертикалите во длабочината на односите. И тоа се докажува низ овој пристап во кој нивните санкции во форма на вето се на грб на македонците и во прилог на оние кои умешно ги експлоатираат идентитетските предизвици.
ПРЕС24: Ако, бараме виновници, колку Македонија има вина во овој спор?
ЗЕКОЛИ: Стапицата се крие во детаљите. Воопштено, Македонија нема никаква вина. Не можеме да ги обвинуваме обичните луѓе, Македонците сами, постоењето на субјектот Македонија за овој или други спорови. Но доколку има виновници, тие се секако групировките, клановите, “десете фамили” кои секогаш умееле и засекогаш би сакале да се окористат од држењето на Македонија во постојана кавга со соседите, а тие самите во вечна улога на бранители кои богато се богатат на браникот на родината и идентитетот.
Ќе ми дозволите да за момент бидам ѓаволов адвокат на Бугарија. Како вие би се поставиле во определена состојба, кога со децении ред при средби со собеседници зад затворени врати овдешните академски или марксистички интелектуалци си признавале сопствена бугарска самосвест, а потоа истите соговорници ги гледате на црно-бели екрани како се жалат за провокациите на Цола Драгојчева? Како би се поставиле кога во слободни разговори видни Македонци се осврнуваат кон Бугарија како “резервната ни држава”, а потоа на другата маса истата ја исмејуваат како “руска губернија”? Како би се поставиле вие кога водечките идеолози на современото македонство јавно би изразувале спремност да зборат и бугарски и грчки, под услов да некој трет плива во Јадранот? Како би се поставиле вие кога следите како општеството и државата молчи на издавањето пасоши со етничка конотација? И на крај, колку вие би биле убедени во одржливоста на еден идентите кога истиот во сред 21 век се разлекува низ антиквизацијски патрдии со подршка од државата, од академијата, универзитетот и добар дел од јавноста? Зарем не би извлекле заклучок дека македонството е само површна службена верзија во чија позадина тлее наклонетоста за “враќање кон корените”? И зарем не би закклучиле дека одбојноста на политиката и општеството кон давање отчет или одговор на овие прашања не подразбира некакво сублиминално признавање дека сте во право во вашиот став за порозноста на севкупната нарација за идентитетот. Оттаму, молкот на јавноста, на политиката, на медиумите за овие домашни конфузии се далеку поразорни за нашите аргументи отколку добар дел од ставовите или изјавите од Бугарија. Недостатокот на самокритичност ја отапува силата на критиката кон другите.
ПРЕС24: Главниот проблем за ЕУ сепак е блокадата од Бугарија и таа блоакда индиректно е врзана со идентитетот на Македонците. Сепак на некој начин постои општествена, како ретко кога, солидарност на сите ентитети дека овој притисок мора да се издржи. Дали овој случај, кој е секако различен со грчкиот, каде името на државата беше главниот проблем, може да се смета како некаков кохезивен елемент за заедничка државотворност, или ова е само некаква времена состојба која на подолг рок не би успеала?
ЗЕКОЛИ: Во моите разговори со лица од Бугарија редовно укажувам дека доколку би се повел според ставовите на македонските политичари или интелектуалци кон спорот околу идентитетот, без нималку грижа на совест би потврдил дека Македонците се Бугари кои засега немаат интерес да си го признаат тоа. Тоа за мене не е никаков проблем, токму поради претходно искажаните неодговорени прашања за кои нема дебата. Мојот предизвик, а уште поголем и можеби непремостлив проблем за Бугарија, се моите пријатели Македонци кои без никаков интерес, никаква уцена, никаква омраза кон било кој, на секое прашање како се чувствуваат редовно, без дрскост, без инает или пизма одговораат “како Македонец, тоа сум што сум”. Во тој диспаритет лежи клучната тежина на сиот спор, тој конфликт помеѓу профит-менталитетската експлоатација на лидершипот и индентитетската самосвест на обичниот човек. Јас сум на страна на луѓето со сопствен идентитет кој го сметаат како скапоценост вредна за чување и одржување, по цена на саможртва. Но во однос на менталитетната елитистичка експлоатација на македонството – имам потполно разбирање за бугарските ставови.
Но и таа конвертибилна поставеност на македонската елита има своја историја, своја генеза на појавување и логика на опстојување. На извесен начин, таа е само дел од наследството стекнато или адаптирано за време на влијанието на српската доминација во регионот. Велам српската, за да правам дистинкција со Србијанската реалност. Дел од колонијалистичката, империјалната логика низ историја е процесот на асимилација на иноверните, паганите, туѓините, робовите преку напуштање на сопствениот автохтон идентитет и преминување во привилегираната каста на доминантниот етникум. Во секое империјално, колонијално царство тоа претопување се вршело преку прифаќање на административните постулати или пак преку истакнување во воените судири. Оттаму потекнуваат и изреките “потурица полош од турците” или “изрод на родот свој”. Но времињата се менуваат а со тоа и воспоставените насилно наметнати наративи, отварајќи просттор за преиспитувања. Тоа се случува денес во Македонија во форма на враќање на изгубениот баланс помеѓу автентичната и накалемена интерпретација на македонството. Но се случува и во самата Србија преку јакнење на поттиснатите автентични чувства и идентитети на Унграците, Русините, Власите, Санџаклиите, Ромите но и самите Србијанци кои предолго се принудени да го носат товарот на империјалните замешателства врз нивни плеќи.
ПРЕС24: Вие сте интелктуалец од висок калибар. Верувате ли во едно инкузивно македонскоопштетсво за сите?
ЗЕКОЛИ: Благодарам за комплиментот, но јас сум само политички аналитичар и љубител на археологијата на општествените појави. Епитетот на интелетуалец е скапоцена реткост која треба екстремно шкрто и љубоморно ја чуваме и поврзуваме исклучиво со такви како Исмаил Кадаре и Горан Стефановски, Умберто Еко и Питер Уатсон.
Како што искрено верував во инклуизвното општество некогаш така иденес искрено веќе не верувам во таа флоскула, во сегашната форма и нејзината експлоатација од естаблишментот. Кога во периодот 2012 – 2016 пропагирав за општество базирано врз социалниот интерес како единствено врзивно ткиво за општество на рамноправни граѓани, мислеа дека вршам пропаганда за инает на ВМРО и ДУИ. Денеска кога тврдам дека таа шанса е згазена и уништена (барем за неколку генерации), интерепретациите се дека тоа го тврдам бидејќи не сум добил понуда (а сум имал) и дека тоа е поради депресивност, разочараност итн. И повторно, заклучоците се носат врз основа на претпоставените мои задни мотиви, без да се праша за аргументите.
Мојот став беше дека во земја со толку големи различности, единствената долгорочно одржллива спона помеѓу граѓаните е социалниот моментум, но не толку на незадоволство од сегашноста, туку желба за бивање подобри од себе. Сета таа енергија во периодот 2014-15 не беше исклучиво поттикната од омразата или гневот кон Груевски и Ахмети, туку од желбата, од поривот да бидеме подобри од нив. Оливер Стоун во филмот за Никсон тоа така убаво го дефинира низ монологот на поразениот претседател: “кога гледаат во мене, го согледуваат тоа ште се. Кога гледаат во Кенеди – гледаат тоа што посакуваат да бидат”. Така беше и во нашиот случај, ние не сакавме веќе да биеме Груевски, да бидеме Муса Џафери, сакавме да бидеме како девојчено со плакатот “на мајка ви у книшката”. Се беше толку надежно, полетно, сплотено...
И тогаш на сцена стапија Џес Бејли и Стивенсон, Жбогар и Заев, Шеќеринска и Груби, Хелсиншки и Цивили, Сорос и Конрад, Катица и Боки, сите ред до ред махери едни невидени на современоста, прогресивноста, демократичноста. И во рок од неколку недели уништија се што беше спонтано, полетно, згазија се и секој што знаеше што сака и различно од вообичаеното. И добивме уште постара и поубава верзија на Груевизмот во форма на Заевизмот. Наместо едно опшество на рамноправни во можност, добивме две општества на потиштени и посрамени. И повторно, гневот е вперен кон оние кои ја констатираат создадената реалност, не кон оние – горенаведени – кои со ароганција, ексклузивност, саможивост и дрскост ја креираа сегашната реалност на две општества.
ПРЕС24: Ве прашувам во контекст на тоа што се уште ние дебатираме за тоа дали на некоја важна позиицја во државата ќе биде некој Македонец, Албанец, Турчин, Србин... Дали тоа е резултат на општетсвената матрица, или пак на политичкиот концепт на етнички партии?
ЗЕКОЛИ: Тоа се се последици. Коренот лежи некаде сосема друго. А тоа е ве идеологизацијата на демократијата. Демократијата не е идеологија, ниту се родила таква, никогаш не била и никогаш нема да биде. Демократијата е систем на владеење со учество на рамноправни едники. Нејзината идеолгизација во денешна форма се роди во време на студената војна кога двата блока тврдеа дека само нивниот систем на владеење е подемократичне од другиот. Така се роди концептот на западна демократија, така се случи да и Северна Кореја се именува како Народна Демократска Република. Па се до денес кога демократијата еволуира во идеолошки антипод на авторитаријанството, преку номинално вклучување на земји кои не се демократски, но се послушни. Тоа се случува и кај нас. Некој ја подвлече линијата на поделба и реши дека страната на која тој/таа се наоѓа е демократија, а се што е од другата страна е недемократско, автократско, националистичко. Но, таа поедноставена приказна полека пука по шевовите. Токму во Босна и во Македонија.
Вообичаената нарација во поствоена екс-Југославија се базираше врз симплифицираниот приказ за злобниот национализам и добриот граѓанизам. Во таа црно бела претстава, се што беше национално ориентирано беше прикажувано како атавистичко, примитивно, заостанато, деструктивно, злобно. И се разбира, се што беше граѓанско се смета(ше) за прогресивно, умерено, толерантно, мирољубиво, конструктивно. И таа нарација траеше со децении се додека – очекувано – се предизвикот кој има срушено повеќе империи, држави, народи и системи од сите светски војни и револуции. Тој предизвик е рутината. Привилегијата на правење business as usual, менталитетот “нема проблема”. Благодарение на таа рутина, отфрлените националисти зајакнуваа на маргините на општеството, додека пак привилегираните граѓанисти се товеа со западни кредити и подршки по урнекот на Тито до смрт и Југославија во банкрот.
Нарацијата за граѓанството во Македонија и Босна веќе подолго време беше киднапирана од страна на етничката интерпретација на граѓанизмот скроен по мерка на доминантниот босански / макеонски народ и грст привилегирани послушници, тнр системски етнички претставници, на сметка на хрватскиот (во Босна) и албанскиот (досега) и бугарскиот (отсега) народ. Притоа, припадниците на српскиот народ беа во привилегирана состојба и со тенденција за надополнување на сопствените права.
Таа рутина во поделба на улогите врвеше се додека националистичкиот вокабулар на националистичките “останати” беше со така изразит вулгарен интензитет, што граѓанистите и немаа потреба да докажуваат било што. Но промената на вокабуларот, прифаќањето на постоењето на заедничката држава и желбата за стекнување на рамноправни права во рамките на заедничкиот систем доведе до диференцијација помеѓу националното право и националистичкиот дискурс, како и до преиспитување на квалитетот на граѓанството како прикриен национализам на владеачката народ, класа, каста, клан сеедно. Тоа е воведот во уважувањето на националната демократија и преиспитување на анти-националистичкиот национализам на граѓанскиот концепт.
Во нашиот случај, тој судир се сведува на прашањето: кој определува да некој биде сметан како прогресивен демократ а кој како регресивен националист? Дали е тоа Стево Пендаровски, избран со посредство на “неквалитетните” од ДУИ? Дали е тоа Артан Груби, отфрлен од сопствените членови? Дали се тоа Зоран Заев и Христијан Мицкоски првично именувани по декрет? Дали се тоа странските амбасадори кои решаваат по принципот “што ни дојде во канцеларија, тоа познаваме од Македонија”? Дали се тоа гласачите кои гласаат од она што им е понудено како избор?
Во македонскиот кампус, дефиницијата за сите зла е сублимирана во ставот “доста со етнички партии”, во име на заеднички, идеолошки партии. Во албанскиот кампус, дефиницијата за сите за е сублимирана во ставот “доста со лажно братств-единство” во кое Македонците си ја чуваат супремацијата на бирање “поштени Албанци, Турци, Срби, Бугари”. За Македонците, ДУИ е албанска националистичка партија, па колку и да се пребојуваат во зелено. За Албанците, СДСМ и ВМРО се две глави на една националистичка македонска агенда, па колку и да фарбаат со Зекири, Едмонд, Алберт. Но интересно, за македонските партии и Груби и Села и Гаши се поприфатливи од некој си таму Ивон Величковски, додека пак за албанските партии секој Македонец е три пати повреден од Влера Ѓакова на пример.
ПРЕС24: Постои ли модел како да се изгради едно општетсво за сите?
ЗЕКОЛИ: Мислам дека одговорив претходно, низ примерот како не се гради едно општество според лабораторијски замисли или според дипломатски блискости со “ѓаволите кои ги познаваш”. Шансата од 2015-16 е пропуштена, за подолго време. Се што преостана од тоа време се варијации на темата, киднапирана од коруптократите, партократите и медиумската клиентела. Таа приказна, барем според мене, е завршена.
Она што може да се стори сега е да се почне од сам почеток. Тоа подразбира градење на нов организам на невладини организации, нов медиумски концепт, нови медиуми и ликови, нов пристап кон приватниот сектор. Никулците на тие нови здружувања треба да се постават денес, за да плодовите никнат после десет или петнаесет години. Со надеж дека дипломатијата и тинк-тенковштината нема повторно да влета во последен час и го уништи трудот на добронамерните. Но предуслов за сето тоа е спремноста на домашната и западната политика да се откажат од самоугодната деструктивност на рутината. Засега барем, не гледам ниту приближно спремност или интерест на двете страни да се откажат од неа.
ПРЕС24:На домашната политичка сцена имаме една привидна нова слика. Нов лидер на СДСМ, нова доктрина на ВМРО-ДПМНЕ, каде води ова?
ЗЕКОЛИ: Нема сомнеж дека не води назад во надградена и проширена верзија на преторијанска, илиберална демократија од 90тите на СДСМ и владеењето на Никола Груевски. Исклучокот на повластено владеење без извршна отчетност пратктицирано од Али Ахмети сега станува општо прифатена пракса со Мицкоски и Ковачевски како експонирани извршители на Груевски и Заев. Следствено , ерозијата на и она малку што преостана од парламентарната демократија ќе продолжи со засилен интензитет, проследено со јакнење на клановското влијание во политиката и уште потесен круг на експлоататорите на општествените добра и буџетот.
Партиите на естаблишментот се свесни за нивната неубедливост па затоа се обидуваат да со нови ликови, нови бои, нови програми, нови доктрини се продадат на пазарот како нови или реформирани. Но доколку поблиски набљудуваме, ќе увидиме дека тие промени повеќе се наменети за докажување на чедност пред западните дипломати отколку за убедување на домашната публика. Тоа е ефектот на трансакцијската логика, според моделот “те бираме за да испорачаш” употребен кон Груевски, Ахмети, Вучиќ, Рама па сега и Петов во Бугарија. Затоа, да, можеме да очекуваме придвижувања во надворешната, но на сметка на внатрешната политика во смисла на реални реформи, промени и освежувања. Така ќе остане се додека западниот фактор не увиди интерес во менување на вкоренетите елити и дозволи појава на свежи фактори во политиката, невладиниот сектор, медиумите. Пред да тоа го сторат Русија и Кина.
ПРЕС24: Какво е влијанието на регионалниот контекст врз Македонија? Многу прашања на Балканот се уште остануваат отворни, дали е затворено македонското прашање во формата во која сега постои, или му претстои некако редефинирање?
ЗЕКОЛИ: Пак би сакал да се вратам кон корењата за да ги разбереме денешниве плодови. Некаде на почетокот на 90тите, во регионот се јавија два лидера со два концепти на размислувања. Едниот беше Киро Глигоров со ставот за Македонија како “јагне опкружено со четири волци” како аргумент за стратегијата на еквидистанца кон сите соседи. Вториот лидер беше Ибрахим Ругова со став за Косово како независна, суверена држава као аргумент за “Косово отворено кон Албанија и отворено кон Србија”. Етничкиот дистаниктив е само мал дел од причините за таквото диаметрално спротиставено согледување на сопственото и контекстуалното. Позицијата на Ругова беше детерминирана од нултатат точка на опстојување во апартхејд, под окупација, полицијска управа и државен тероризам. Од која можеше само да се тргне кон подобро. Позицијата на Глигоров, сосема разбирлива, сепак беше детерминирана од стравот дека “Македонија е се што имаме”, како врв на достигнувањето од кое може само да се тргне кон подолу. Тие две изјави ќе се покажат судбоносни за земјите и начинот на однесување кон себе и кон соседните држави и народи, но и како атом од кој ќе се роди следниот ендемски оптимизам на косоварите и ендемски песимизам на Македонците.
Во мојата честитка на косоварите упатена како Амбасадор на Македонија при ОСБЕ по погласувањето на независноста, им го честитав успехот и им посакав добредојде во светот на меѓуповрзаноста. Доколку денес би требало да им упатам честитка на Македонците, како сосема слободна личност, би им честитал ден на независност и посакам среќен пат во редефинирање на нивното бивање со проширената изрека на Глигоров “колку сте, толку сте ... битни сте”. Македонското прашање е затворено со членството во НАТО и – на парадоксален, но позитивен начин – преку глобално осознавање на нивното постоење благодарение на имено-идентитетските спорови со Грција и Бугарија. Оспорувањата ќе продолжат и понатаму. Како што провинцијалната Македонија сака да го спори идентитетот на Албанците, Грците, Бугарите, така и провинциалните соседства ќе сакаат да го спорат идентитетот на Македонците. Навикнете се на тоа и одраснете. Битно е што државите го признаваат идентитетот на Македонците како современа реалност. Уште побитно е да самите Македонци се откажат од погубната употребна вреднос како улитилтарна, прокси полуга вперена кон другите, третите. Најбитно од се е она за што најмалку се зборува. А тоа е дека постоењето на Македонија, на Македонците е константа на американската стратегија на регионот, рамо до рамо со подршката за Косово уште од Божиќната порака на Претседателот Џорџ Буш постариот во која токму Косово и Македонија се наведени како црвени линии за било какава агресија. Ние можеме да спориме, со многу право, за интерните внатрешни политики и промашувања на САД посебно во однос на лицемерните политики за анти-корупцијата, слободата на медиумите, демократијата. Но секоаш имајќи ја на ум со уважување нивната непоколебливата подршка за самобитноста.
Од нас зависи како ќе ја дефинираме, редефирнираме и факторизираме таа самобитност согласно новите реалности во земјата и регионот. Доколку сакаме да лежиме во блатото на самосожалување, ќе ни биде удоволено, но без ефект на светот кој се движи напред. Доколку сакаме да пробаме нешто друго, поинаку, тогаш потсетете се дека за година дена Македонија ќе преседава со ОБСЕ, од Владивосток до Ванкувер. Ете ја историската шанса за позитивна промоција без провокации, без интриги, без наплатувања, туку со потврда на идентитетот, јазикот, културата на светско ниво. А притоа се запрашаме: а што дури би постигнале како земја членка на ЕУ?
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа