Арсовска на увид за проект кој тежи 41 милион денари

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска денеска изврши увид на градежните активности на улицата „Димо Хаџи Димов“, инфраструктурен проект во вредност од 41 милон денари, кој како што нагласи се реализира со цел да се овозможи зголемена безбедност.

– Се работи за површина над 6.200 квадратни метри и должина од 800 мери. Меѓутоа, уште поважно, покрај тоа што ќе се овозможи на граѓаните зголемена сигурност на овој потег, е и тоа што следи нова изградба на атмосферската канализација по целата должина и краците коишто се поврзани, меѓутоа и реконструкција на водоводната мрежа по целата должина, изјави Арсовска

Таа потсети дека во изминатите години на оваа улица имаше „извесни поплави“, на коишто граѓаните континуирано реагираа и со зафатот што ќе се реализира во наредните три месеци, дополнително ќе се овозможи да не се случуваат поплави.

Арсовска додаде дека покрај тоа што ќе се реконструира коловозот и ќе се израмнат шахтите, воедно ќе се изгради нова атмосферска канализација, а следи и соодветно хортикултурно уредување на целиот потег од „Антон Попов“ до „Народни херои“.

– По она што се случи со невремето, се детектира каде се критичните точи. Нормално тоа требало да се направи години наназад или во периодот на реконструкција на овие улици и булевари. Сега во овој момент во тек е анализата и се гледа кои се можностите и што е она што можеме да направиме да се отстранат овие недостатоци, за тоа да биде сериозна инвестиција во делот на атмосферската канализација. Верувам дека за да превенираме во иднина вакви несакани последици предизвикани од невреме, во интерес на граѓаните мора да го решиме проблемот, истакна градоначалничката.

28.09.2022 - 12:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега