Арсовска: Нема повеќе бесплатен паркинг за функционери

 

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, директорот на ЈП Градски паркинг, Бојан Христовски и градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски денеска ги отворија новите простории на ЈП Градски паркинг во општина Аеродром.

Арсовска потенцираше дека во изминатиот период со доаѓањето на новиот в.д директор на ЈП Градски паркинг, Бојан Христовски се работи континуирано на подобрување на услугите за паркинг, реализирано е ветувањето за намалена цена на градскиот паркинг, а се работи и на креирање нови решенија за паркинг места во општина Аеродром, но и во сите останати скопски општини каде што граѓаните имаат потреба од зголемен капацитет на паркинг места. Таа додаде дека новото раководство на претпријатието работи домаќински и се грижи за корисниците, а показател за тоа е приходот од 6 милиони денари во првите три месеци, што само говори за задоволството од страна на граѓаните и намалените цени на паркингот во Скопје.

„Како што знаете од 01 Март 2022 ЈП Градски паркинг - Скопје започна да работи со нови, намалени цени за час паркирање на зонските паркиралишта. Мерката за намалување на цените на паркинг услугите беше дел од моите предизборни ветувања, која ја реализиравме рекорно во првите 82 дена, за да им излеземе во пресрет на граѓаните во услови на економска криза им овозможивме поефтино паркирање од над 20-тина %. Од друга страна, новите намалени цени, за претпријатието донесоа зголемена наплата, за што говори и остварениот приход од 6 милиони денари само во првите три месеци од годината. Тоа значи дека новото раководство работи домаќински. Денес ги претставуваме новите работни простории на канцеларијата Аеродром. Потребата од нови простории се јавува поради лошите работни услови во претходните, а ставајќи ја на преден план грижата за вработените и корисниците, раководството на претпријатието овозможи нови канцеларии со соодветно услови за работа и поголема пристапност за граѓаните. Времето кога функционерите го злоупотребувале јавното претпријатие и користеле бесплатен паркинг заврши. ЈП Градски паркинг мора да биде сервис на граѓаните и да работи домаќински во интерес на сите граѓани ”, истакна градоначалничката Арсовска.

„Во изминатиот период реализиравме неколку средби со граѓаните од повеќе скопски општини, каде што заедно со нив ги лоциравме проблемите со кои што се соочуваат во однос на паркиралиштата. Токму поради тоа започнавме да ги посетуваме општините и да креираме нови решенија кои што ќе бидат од полза на граѓаните, а започнавме и со отстранување на возила од зелена површина, како и дислокација на стари и оштетени возила кои што зафаќаат паркинг места. ЈП Градски паркинг – Скопје во наредниот период ќе воведе неколку новитети кои што ќе придонесат за подобра паркинг услуга и задоволни граѓани”, додаде Христовски.

Градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски додаде дека во поглед на решавање на проблемите со паркирање, како општина се започна соработка со ЈП Градски паркинг - Скопје за отстранување на возила од зелена површина и преместување на неисправни или оштетени возила. Тој истакна дека за таа цел денес ќе се потпише Договор за деловно- техничка соработка со ЈП Паркинзи. Отстранувањето ќе се врши во заедничка соработка со претпријатието, заедно со комуналните инспектори од општината.

„Во соработка со Град Скопје и Општина Аеродром, воведуваме зонско паркирање на неколку локации на територија на општината, за што  реализирани се теренски посети, средби со граѓани, а од страна на општина спроведена е и анкета за изразување интерес. Предвидени се локации за организирање на зонско паркирање во делот на стар Аеродром – поточно реонот на левата страна од ул. „Владимир Комаров“, кај Поликлиника Јане Сандански и реонот долж улицата „Симеон Кавракиров“”, истакна Муцунски.

19.04.2022 - 12:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега