Арсовска: Потребно е итно отстранување на штетните материјали кај Треска, за да се спречи катастрофа

 

Доколку има евентуални сторители, истите треба да бидат казнети. Доколку се докаже дека е со намера отпочнат овој пожар, треба да се преземат најстроги санкции за да се превенира ваква појава. Не само пожарникарите кои интервенираа беа изложени на ризик и опасност, тука се и околните куќи кои ги делеше само еден ѕид од пожарот. На самото место не само што постоеле извесни запаливи материјали во магацините, има и цистерна со обем од 20 илјади литри на нафтени деривати и истата е огромна опасност и ја доведува во прашање безбедноста на граѓаните. Дури и да е само една личност чијшто живот е загрозен, треба да се превенира, изјави градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска во вечерашното гостување во емисијата Само вистина на Канал 5 телевизија.

 

Арсовска истакна дека денеска во градот се одржал и состанок на кризниот штаб на Скопје на која се разговарало за креирање стратегија која ќе превенира идни катастрофи. Таа ги повика и надлежните институции да преземат се што е во нивна надлежност, но и централните власти во заедничко делување заедно со градот.

 

- Треба да се отпочне со контроли за да се знае точно каде има вакви складишта и цистерни и што е она што може потенцијално да го загрози животот на скопјани. Верувам дека треба да се постапи што е можно побрзо со цел превенирање на идни вакви катастрофи. Нашите пожарникари успеаја за брзо време да го локализираат пожарот,  дознаа дека има цистерна со нафтени деривати кога интервенираа, затоа прво делуваа да го прекинат пожарот токму од таа страна каде се наоѓа цистерната, додаде Арсовска.

18.04.2022 - 20:21

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега