Балкански наркобос си ја сошил устата и штрајкува со глад во затвор во Босна

 

Милан Матковиќ, од Нови Сад, како и некои други лица кои по наредба на Обвинителството на БиХ беа уапсени за трговија со дрога, започнаа штрајк со глад додека беа во притвор во Државниот затвор во Војковиќ. Во знак на протест што, како што тврдат, им се прекршени човековите права, Матковиќ утрово си ја сошил устата, јавија повеќе медиуми во регионот.

Обвинетите, кои штрајкуваат, сметаат дека им е ускратено правото на непристрасно судење и истрага поради, како што навеле, постојаните притисоци и од медиумите и од разни високи владини функционери, вклучително и меѓународни. Тие се во притвор речиси половина година, што сметаат дека е неосновано.

„Мојот клиент ме извести дека ќе штрајкува со глад“ – изјави за „Новости“ бранителот на Матковиќ, Горан Карадаревиќ. „Ми кажа дека нема избор поради постојан притисок врз објективноста на истрагата, која ја води Обвинителството на Босна и Херцеговина. Многу сум загрижен за него и наскоро ќе го посетам“, додаде тој.

Синиша Перковиќ, управникот на затворот во Војковиќ, за Н1 потврди дека Матковиќ сам си ја сошил устата.

„Ова се случи утринава и тој сега е во итната медицинска помош за да му се санира повредата. Тој се жали за одредени работи кои се однесуваат на Судот на Босна и Херцеговина, дека му е направена неправда. Не ни е јасно за што точно се работи , но знам дека нема никаква врска со нашето однесување кон нив во затвор“, изјави Перковиќ.

Кој е Милан Матковиќ?
Милан Матковиќ беше уапсен во јули минатата година во Требиње, а е поврзан со меѓународен шверц на големи количества кокаин, подготовки за ликвидации, како и други кривични дела во Босна и Херцеговина, земјите од регионот, Европската унија и прекуокеанските земји. Во БиХ, според локалните медиуми, тој веќе е осуден за тројно убиство, пренеесе Индекс.хр.

Обвинителството на Босна и Херцеговина соопшти дека против Матковиќ се водат неколку кривични постапки во различни земји. Во август, во рамките на истата акција, уапсен е полицаец осомничен за коруптивни активности и користење полициски капацитети за помагање на осомничени во извршување на кривични дела.

Обвинителството на Босна и Херцеговина соопшти дека петмината уапсени се поврзани со повеќе кривични дела кои се процесираат во рамките на случајот „Милан Матковиќ и други“, поради вмешаност во организиран криминал.

13.01.2023 - 20:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега