Битиќи: Пратениците ќе одлучат за инвестицискиот проект на „Митилинеос“

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вели дека пратениците ќе одлучат за евентуалната реализација на стратешкиот инвестициски проект  „Митилинеос“,  когенеративна постројка Скопје,  ако има потреба нешто да се смени преку амандмани откако ќе се закаже собраниската комисија за четирите закони меѓу кои е и законот за овој проект. 

-Не, не може да се најде на владина седница. Таа е во собраниска процедура. Поминато е потребата за донесување на четирите закони по скратена постапка, се очекува да се закаже Комисијата на која што ќе се расправаат сите четири и судбината е во рацете на пратениците. Сите пратеници имаат можност во моментот кога ќе се закаже Комисијата да дадат амандмани ако треба нешто да се смени и ако законот помине. Ние на најтранспарентен и отчетен начин тоа го направивме сите буквално услови од договорот се обзнаени, ги има целата јавност, ги има сите пратеници, ние сме достапни како повереници и јас лично како повереник заедно со другите во службата да објасниме, да дообјасниме нешто што не е доволно јасно. Не убедуваме никого затоа што договорот е на маса. На крај се самите пратеници коишто треба да одлучат која ќе биде судбината на секоја една инвестиција, рече Битиќи одговорајќи на новинарско прашање по денешната обиколка на новото училиште „Визбегово“.

 

Битиќи вчера на прес-конференција, одговорајќи на новинарско прашање посочи дека на седница на Влада ќе се видат аргументите за  овој проект.

– Има таков предлог на седница на Влада, ќе видиме кои се аргументите. Предлогот на компанијата „Митиленеос“ е преговарана две и пол години и ако сакате ќе ги добиете записниците од комисиите за стратешки инвестиции, десет на број, во кои што сите институции се вклучени во преговорите, затоа ќе се разговара на седница на Влада. Дали има потреба од повлекување, ќе видиме на седница на Влада. Тогаш ќе можам да одговорам, рече Битиќи. 

 

На новинарско прашање во врска со тоа дали смета дека треба да продолжат собраниските процедури околу Предлог-законот, со оглед на реакциите во јавноста, Битиќи рече дека „ако реакција на еден потпишан уметник и бивш дипломат е реакција на експертската фела, тогаш на тој начин треба да се разговара за секое едно прашање во нашето општество“.

 

– Јас навистина ги ценам експертите, но ценам вистински експерти кои својата експертиза, и знаење ги ставаат во насока на помош на нашата држава и унапредување на политиката, рече Битиќи.

 

14.02.2024 - 13:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега