Бизнис елитата од Македонија и Бугарија се собра во Скопје
Бугарија е петтиот најважен трговски партнер на Северна Македонија и нејзина втора најважна извозна дестинација. Бугарските директни инвестиции во државата изнесуваат вкупно 270 милиони евра. Во 2022 година, годишната двонасочна трговија надмина 1 милијарда евра.
Со цел оддржување и подобрување на меѓусебната соработка на компаниите, сопственици, директори, како и видни претставници на фирмите од двете земји во четвртокот во хотелот Александар Палас разменија искуства и можности за идна соработка.
Бугарскиот амбасадор во Скопје Ангел Ангелов им се заблагодари на генерациите активисти кои го основаа, развиваа и зајакнаа МБСК. Тој изрази надеж дека со нејзината амбициозна програма новоизбраната претседателка на МБСК Билјана Митева ќе ја направи институцијата „поживописна, подинамична и многу поотворена за сите економски субјекти, што ќе ги зајакне односите меѓу Бугарија и Северна Македонија“.
Митева во говорот на настанот посочи: „Имам голема одговорност бидејќи Македонско-бугарската стопанска комора која постои од 2011 година има многу успешни проекти. За да истите бидат надминати ќе биде потребна поголема соработка меѓу бизнисите и јавните институции во нашите две земји и што поскоро да се отстранат сите бариери за бизнисот“.
Шефот на трговската служба на бугарската амбасада Красимир Драгнев на состанокот рече дека на 7 декември во Софија ќе се одржи бугарско-македонски бизнис форум на иницијатива на министерствата за надворешни работи на двата соседи. Сличен настан минатата година се одржа во Скопје. Ја отворија тогашните министри за надворешни работи Николај Милков од Бугарија и Бујар Османи од Северна Македонија.
Овој пат, МБСК ќе биде главниот партнер во составувањето на деловната делегација од Северна Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа