Бојмацалиев: Проблем со пасошите нема, има проблем во менаџирањето
„Менаџирањето на издавање и обработка на пасошите во моментов е најголемиот проблем, вели дополнителниот заменик министер за внатрешни“, Митко Бојмацалиев во интервју за Прес24. Според него фактичката состојба укажува дека имаме 48.000 пасоши на државно ниво кои не се обработени, односно луѓето се фотографирани, ама истите не им се одобрени и не им се испечатени.
-Тоа е моменот на пробивање на законскиот рок од 15 дена. Да потсетам дека пред техничката Влада, немавме таков проблем, односно гаѓаните ги добиваа своите пасоши во законски предвидениот рок од 15 дена. Во однос на лични карти бројката е 33.000 на државно ниво, додека на ниво на Скопје има 44.000 пасоши и 30.000 лични карти. Тоа значи дека внатрешноста на државата е речиси завршена, граѓаните ги сменија личните документи, остана само Град Скопје. Ова нешто го говоревме изминатиов период, наспроти шпекулациите дека МВР е неорганизирано. Напротив, се покажа дека во Скопје е критичниот момент. Ние во 2023 година завршивме со скоро 99% сликани и одобрени пасоши, вели Бојмацалиев во интервјуто.
Зголемената фреквенција според него беше во месец јануари и тогаш имало само 4000 пасоши кои не беа одобрени во рокот за одобрување.
-Но, за жал, сега имаме ситуација во којашто имаме над 44.000 пасоши на ниво на државата. И, пак би потенцирал дека не станува збор за недостаток на обрасци. Тоа прашање е апсолвирано како лажна вест - обрасци има и ќе има. Само во изминативе два месеца добивме 300.000 обрасци. Но, пак ќе кажам, да не беше црната пропаганда за демонизирање на новото име на државата и залажување на граѓаните за враќање на старото име, само да се дојде до гола власт, ќе имавме доволно време сите граѓани да ги сменат своите документи, вели дополнителниот заменик министер во МВР, кој во интрервјуто вели дека сега треба само добро менаџирање.
Бојмацалиев вели дека досега со министерот Тошковски имале добра соработка, на професионално ниво, каква што во суштина е и потребна за успешно функционирање на Министерството во делот на организирање на изборите.
-Сметам дека тоа е евидентно од низата случаи кои беа под лупата на јавноста, а за кои гарантиравме професионлни истраги и постапувања. Тука говорам за приведувањето на 26 лица за злоупотреба за службена положба во Општина Штип, како и за истрагата од внатрешна контрола при МВР во врска со двојното убиство на В.Ѓ. и П.Ж. која утврди дека постапувањето на полицијата било навремено и без пропусти, а како резултат на тоа нема основи за поведување на дисциплински постапки за било кој вработен во МВР, вели Бојмацалиев за Прес24.
Од денешна дистанца, тој е уверен дека потребата од техничка влада веќе нема, а тоа го темели на фактот дека МВР е целосно реформирана. -Од аспект на полицијата, можам да кажам дека денеска МВР е реформирана институција преку неколкугодишната трансформација со утврдениот концепт „МВР за граѓаните“, продукт на поранешниот министер Оливер Спасовски, така што сметам дека ваквиот формат на техничка влада веќе не треба да постои, бидејќи се надминати негативните состојби кои изискуваа еден таков форма на влада, вели Митко Бојмацалиев во интервју за Прес24.
ПРЕС24: И овие избори ќе поминат со техниква Влада. Какви се досегашните Ваши искуства со функционирањето на МВР со новиот технички министер?
БОЈМАЦАЛИЕВ: Техничката влада има примарен мандат и обврска да обезбеди одржување на фер и демократски избори каква што и доликуваат на демократска земја, членка на НАТО, земја која го помина и скринингот за почеток на преговорите и чека да го започне својот европски пат. Секако тука се подразбира и редовното функционирање на институцијата која е задолжена примарно да ја обезбеди безбедноста и сигурноста на сите граѓани и целото општество и МВР од 2017 наваму па и во техничката влада го испорачува тоа. МВР помина низ трансформативен период за институцијата преку професионализација, декриминализација и деполитизација и многу е вложено и многу пати објаснувано што се е направено за МВР да стане „МВР за граѓаните“ институција со доверба од над 65% од граѓаните, во топ три по транспарентност и рејтинг. Како функционери сме тука на сите потреби на граѓаните бидејќи тие се оние кои не плаќаат и очекуваат да ги вршиме услугите и задачите кои се пропишани со делокругот на нашите обврски. МВР функционира реформирано и насочено кон потребите на граѓаните. Ќе биде гарант на одржување на фер и демократски избори. Одлуките во МВР и овој период на техничка влада се носат во рамккте на законските обврски и во полза на граѓаните и веуваме ќе продолжи до завршување на мандатот на техничката влада.
ПРЕС24: Генерално како функционира МВР на овој принцип? Постои ли комуникација меѓу Вас и Министерот?
БОЈМАЦАЛИЕВ: Министерството за внатрешни работи е една од клучните институции за успешно спроведување на изборен процес, што, впрочем, е и главниот приоритет на техничката Влада согласно Пржинскиот договор, Затоа е и исклучително важно соработката помеѓу двајцата министри да е на високо ниво. Досега со министерот Тошковски имаме добра соработка, на професионално ниво, каква што во суштина е и потребна за успешно функционирање на Министерството. Сметам дека тоа е евидентно од низата случаи кои беа под лупата на јавноста, а за кои гарантиравме професионлни истраги и постапувања. Тука говорам за приведувањето на 26 лица за злоупотреба за службена положба во Општина Штип, како и за истрагата од внатрешна контрола при МВР во врска со двојното убиство на В.Ѓ. и П.Ж. која утврди дека постапувањето на полицијата било навремено и без пропусти, а како резултат на тоа нема основи за поведување на дисциплински постапки за било кој вработен во МВР. Важно е да се надминат претходните искуства кои можеби ја нарушувале сликата за изборниот процес. Сметам дека простор за такво нешто нема, немаме анимозитет, веднаш ги решаваме сите тековни работи и не дозволуваме политиката да се вмеша во нашите кабинети. Да оставиме политичките партии да ги искажат своите позиции пред граѓаните преку нивните програми. Очекувам ваквиот однос да продолжи, но сепак, крајот ќе каже. Она што би сакал да го нагласам е тоа дека на почетокот од мојот мандат истакнав дека ќе обезбедиме простор во кој гласот на граѓаните ќе биде слушнат, но и тоа дека нема да толерирам притисоци, уцени врз вработените, нема да има поткопување на ниту еден сегмент од процесот за кој е надлежно МВР. Нема да има дамка во процесот од страна на МВР.
ПРЕС24: Реално, мислите ли дека овој модел е потребен, корисен или проблематичен?
БОЈМАЦАЛИЕВ: Од аспект на полицијата, можам да кажам дека денеска МВР е реформирана институција преку неколкугодишната трансформација со утврдениот концепт „МВР за граѓаните“, продукт на поранешниот министер Оливер Спасовски, така што сметам дека ваквиот формат на техничка влада веќе не треба да постои, бидејќи се надминати негативните состојби кои изискуваа еден таков форма на влада. Токму во 2015 година кога беше созададена техничката влада тогаш имавме сосема поинаква состојба од денешната. Тогаш имавме една полиција со срушен рејтинг, огромна недоверба од граѓаните, една од најзатворените институции на државно ниво. Денеска зборуваме за една институција која е во топ трите најтранспарентни и вистински сервис за граѓаните. Тоа е нашето „МВР за граѓаните“, наспроти МВРО-ВМРО, кога имаше „штабче горе доле“ и дека „може да пратите меил било каде, ќе го пресретнеме”, преку прислушување на 20.000 граѓани, кршејќи ги основните човекови права. Денес зборуваме за една сосема поинаква, различна полиција од времето на режимот. Полицијата е во сервис на граѓаните, затоа што инвестиравме 17 милиони евра во модерни и европски работни услови во полициските станици низ државата, 80 реконструирани. Затоа што вложивме 14 милиони евра во опрема и униформи. Ја зголемивме платата за 35% и ги исплативме сите бонус плати. Така што, според мене нема повеќе потреба од пржинска влада бидејќи МВР е „МВР за граѓаните“ и така се надевам и ќе остане, бидејќи создадовме еден правичен и функционален систем, без разлика која политичка партија е на власт, тешко дека може да ги сруши за кратко време, бидејќи тоа е цел сет на вредности и систем на командна одговорност, кој порано го немаше. Немањето или нефункционалноста на тој систем доведе и до крававите настани од 27 Април. Но, можам да кажам дека ние сме членка на НАТО, и како таква земја која ги има поминато реформските процеси и се стреми кон полноправно членство во ЕУ, со голем дел од македонското законодавстрво усогласено со европското, нема простор за политички влијание врз изборниот процес.
ПРЕС24: Генерално оваа техничка влада е изум на СДСМ, од времето кога беше опозиција, но низ очите на јавноста веројатно произведува контра ефекти, односно наместо поголема професонализација, ние имаме дупла политизација на министерството?
БОЈМАЦАЛИЕВ: Не е изум на СДСМ, туку плод на пржинските преговори под покровителство на меѓунардоната заедница. Само да ве потсетам на заробената држава, на МВРО-ВМРО, на штабче горе - штабче доле, 20.000 прислушкувани граѓани, на фактот што никој не смееше да го спомне името Мијалково од страв, на многу ли е 15 посто од жутите, на трошење на чоколада а немање за леб, на лудоста и лудата кражба наречена Скопје 2014. Така да техничката влада беше лек на едно болно општество и од ВМРО заробена држава. ПРЕС24: Она што во периодов е фокус, се проблемите со личните документи. Каква е моменталната состојба на терен? БОЈМАЦАЛИЕВ: Првин би сакал да потенцирам дека веќе нема зголемена фреквенција во управните служби, наспроти шпекулациите дека МВР работи неорганизирано во тој дел. Единствен момент којшто сега се јавува како проблематичен е неиздавањето на пасоши на граѓаните кои веќе се сликале а за кои е пробиен рокот за издавање на пасошот. Фактичката состојба е следнава, имаме 48.000 пасоши на државно ниво кои не се обработени, односно луѓето се фотографирани, ама истите не им се одобрени и не им се испечатени. Тоа е моменот на пробивање на законскиот рок од 15 дена. Да потсетам дека пред техничката Влада, немавме таков проблем, односно гаѓаните ги добиваа своите пасоши во законски предвидениот рок од 15 дена. Во однос на лични карти бројката е 33.000 на државно ниво, додека на ниво на Скопје има 44.000 пасоши и 30.000 лични карти.
Тоа значи дека внатрешноста на државата е речиси завршена, граѓаните ги сменија личните документи, остана само Град Скопје. Ова нешто го говоревме изминатиов период, наспроти шпекулациите дека МВР е неорганизирано. Напротив, се покажа дека во Скопје е критичниот момент.Ние во 2023 година завршивме со скоро 99% сликани и одобрени пасоши. Зголемената фреквенција која беше во месец јануари, тогаш имавме само 4000 пасоши кои не беа одобрени во рокот за одобрување. Но, за жал, сега имаме ситуација во којашто имаме над 44.000 пасоши на ниво на државата. И, пак би потенцирал дека не станува збор за недостаток на обрасци. Тоа прашање е апсолвирано како лажна вест - обрасци има и ќе има. Само во изминативе два месеца добивме 300.000 обрасци. Но, пак ќе кажам, да не беше црната пропаганда за демонизирање на новото име на државата и залажување на граѓаните за враќање на старото име, само да се дојде до гола власт, ќе имавме доволно време сите граѓани да ги сменат своите документи.
ПРЕС24: Како според Вас настана овој проблем, особено со пасошите?
БОЈМАЦАЛИЕВ: Проблемот категорично го лоцирам во како што веќе напоменав црната пропаганда и политичкиот инжинеринг на одредени политички партии кои се бореа за политички поени надевајќи се на преземање на власта. Од самиот ден кога беше потпишан Преспанскиот договор имаше доволно време патните исправи, личните карти и возачките и сообраќајните дозволи да се заменат со нови. За пет години опозоцијата во Собранието блокираше се од ред, од законите за парична помош на граѓаните и компаниите за време на ковид кризата, преку блокада на изградба на нов клинички центар и уште многу други нешта, и нивното проповедање дека не треба да се менуваат постоечките документи со такви со „Северна“ оти, велеа, кога ќе дошле на власт се’ ќе врателе како порано, чекаа до „пет минути до 12“ за да извадат документи на кои е новото уставно име на државата. Нашата визија е дека за 10 години ќе бидеме веќе со почнати и финализирани преговори со Европската унија, а во најдобра варијанта ќе сме членка на Унијата. Тоа значи уште повисок капацитет на институциите, тоа значи европски вредности во сите аспекти. Така што на проблемот тогаш ќе му се пријде со институционална меморија и со унапредени технолошки процеси и со зголемена информативност и информираност заради што не очекувам какви било проблеми дури и ако и тогаш опозицијата се однесува блокирачки и кочничарски како што тоа го прави сега. Клучно беше усвојување на измените на двата клучни закони, Законот за безбедност во сообраќајот и Законот за патни исправи. Така што, од јули 2021 година започна издавањето на патните исправи со новите обрасци. Во овој период раководството на МВР ја спроведе целокупната техничка подготовка за спроведување на сите процедури и оспособување на системот за издавање на новите обрасци. Но, процесот беше дополнително искомплициран и со усвојување на Законот за употреба на јазиците, со дополнителни 5 нови видови на лични документи за граѓаните, покрај постојните два вида (македонски и албански). Сето тоа се одрази на процесите кои следеа, од усогласувањето на проектните документи за изгледот на новите лични документи, изработката на специментите и слично. На ниво на МВР работеа тимови кои ја подготвуваа функционалната спецификација, по што следуваше нарачката на новите обрасци. Беше инсталирана и новата хардверска опрема, извршени бројни тестирања, обучен персоналот за работа на нови базни станици кои беа инсталирани во сите организациони единици за управни работи во државата а во соработка со МНР и во повеќе странски држави. Резултатот од напорите на опозициските политички партии, ВМРО-ДПМНЕ и Левица, со нивниот поднесок од над 1200 амандмани на законските решенија да го закочат процесот беше евидентен изминатиов месец, како што се приближување и рокот 12 февруари. Но, она што е важно дека како МВР ние ги создадовме сите услови за навремено издавање на личните документи.
ПРЕС24: Реално сепак има прилично оправданост во критиките до поранешното раководство на МВР, особено од аспект на недовона јавна активност за потребата граѓаните да бидат информирани многу порано за тоа дека нема да можат да патуваат без нови пасоши. Дополнително и за потребата МВР многу порано да се реорганизира за поголем капацитет за фотографирање?
БОЈМАЦАЛИЕВ: Процесот на издавањето на документи со новото име Република Северна Македонија започна во јули 2021 година, иако Преспанскиот договор беше потпишан 2018 година. Зошто? Затоа што опозицијата преку својата кочничарска стратегија ги блокираше законите за промена на личните документи во Собранието, како што блокираат се што можат, кочејќи го напредокот што може да биде остварен во сите можни сфери. Министерството за внатрешни работи е институција која работи по позитивни законски прописи и затоа издаваше документи со старото уставно име до тој датум. Потоа продолжи црната пропаганда и политички маркетинг дека кога ќе се врателе на власт ќе го врателе и името, за сега пак да креираат хистерија од „никогаш северна“ во „сакаме Северна, сега и веднаш“. Доколку не беа овие пречки имаше доволно време а МВР имаше доволно капацитет за да сите граѓани да ги променат своите документи. Откако тогаш во јули го започнавме процесот на издавање на новите документи па се до почетокот на техничката влада, МВР има услужено над 1.300.000 граѓани. Може слободно да пресметате, со капацитетот кој го има МВР од тој јули, до овој февруари, можело да се издадат над 2.000.000 лични документи, иако пример за пасоши се потребни само 1.800.000. Со доаѓање на техничката влада имаме друг проблем, посебно во Скопје. Повеќе пати истакнувам и јавно и на интерни состаноци дека процесот на сликање, печатење и издавање документи е еден круг, едно тркало кое мора постојано да врти, да не стои во место. Слободно ќе кажам дека 2023 година ја завршивме со скоро 99% сликани и одобрени пасоши. Онаа огромна гужва која ја имавме во месец јануари, само 4000 пасоши не беа одобрени во рокот за одобрување. За жал, сега имаме ситуација во којашто имаме над 44.000 пасоши на ниво на државата кои не се одобрени и луѓето не можат да ги земат во оние 15 дена своите лични документи. Тука не станува проблем со обрасци, таа тема веќе ја затворивме и се покажа дека тоа е лажна вест и дека обрасци има. Минатите 2 месеци добивме 300.000 обрасци и ќе добиваме понатаму се со цел процесот да тече незапрено. Потенцирам дека сега треба само добро менаџирање.
ПРЕС24: Какви се проценките во МВР околу изборите. Постои ли можност за безбедносни ризици?
БОЈМАЦАЛИЕВ: МВР е во интензивни подготовки и подготвено да го гарантира мирното одржување на изборниот процес. Можам да информирам дека формиран е централниот штаб кој ќе ги следи изборите и дадена е насока на сите сектори за внатрешнир работи низ државата да формираат подштабови, каде што ќе се прибираат информациите од локално кон централно ниво. За сите локални појави и состојви ќе се носи одлука на локалниот штаб, додека за поголеми настани, кои се надевам нема да се случат, ќе постапува централниот штаб, кој е во надлежност на директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски. Секако, двојните избори, претседателски и парламентарни, носат двојно поголеми обврски и одговорности за МВР во спроведувањето на безбедносните мерки. МВР ќе има подготвени планови за гарантирање на безбедноста на изборните места, за спречување на недозволени активности и за спроведување на мирен и безбеден изборен процес. Но, пак ќе се осврнам на лажните вести и дезинформациите по медиумите и социјалните мрежи, кои за жал стануваат се почести. Многу е важно граѓаните истите да ги препознаат.
Граѓаните треба да бидат точно информирани за изборниот процес и за нивните права и обврски, а не да бидат изманипулирани. Воедно, има можности од разгорување на меѓуетнички тензии, но ве уверувам дека Министерството додека јас сум дел од раководството ќе вложи максимални напори да не дојде до никакво подгревање на национализми и враќање на старите духови од времето на режимот. Јас и мојот тим гарантираме фер, слободни и демократски избори, двојни избори кои ќе ги отсликуваат европските вредности. Тоа го нагласувам на секоја средба која ја остварувам со амбасадорите од земјите членки на Европската Унија, пријателите на Република Северна Македонија, и на нашиот стратешки партнер - Соединетите Американски држави.
ПРЕС24: Регионалниот контекст, особено низ призма на руското влијание, колку и како е ризичен за Македонија?
БОЈМАЦАЛИЕВ: Секако дека регионот колку што е комплексен и динамичен, толку е и кревок и потенцијален за руско влијание. Особено сега кога се приближуваме кон предизборниот период. Русија има интереси во регионот кои не се во согласност со нашите и со интересите на западните земји и Европската унија. Влијанието на Русија може да се прошири преку различни канали, вклучувајќи го дипломатскиот, економскиот и во некои случаи безбедносниот аспект. Во контекстот на безбедноста, руското влијание може да претставува ризик, особено во однос на стабилноста и сигурноста на регионот, преку поддршка на определени поединци или групи, што може да доведе до политички тензии. Сепак, Република Северна Македонија како суверена држава има право и одговорност да ги одбере своите партнери и да ги управува своите меѓународни односи во согласност со своите национални интереси и вредности.
Во овој контекст, важно е да се работи за постојано унапредување на добрососедските односи и да се зголеми соработката со меѓународната заедница за да се оствари стабилност и сигурност во регионот, да работиме на зајакнување на дијалогот како клучен фактор за успех. Но, она што е интересно е дека секогаш кога сме исправени како држава пред сериозни предизвици, дали е тоа членството во НАТО, внесување на европсктие вредности во институциите, самото отворање на преговори со ЕУ, евидентно е влијание кое се обидува да го попречи патот кој сме го заземале, и тоа на стратешко ниво.
Но, би сакал да ги уверам граѓаните, како што ги сузбиваме лажните вести на оваа тема, а впрочем имавме и случаи на протерување на дипломати до државата, така и сега безбедносната заедница е активна и работи на одржување на мирот, стабилноста и безбедноста. Она што е важно е дека европскиот пат за Северна Македонија нема алтернатива и единствено прифатливо и добредојдено влијание е европското, бидејкќи огромно мнозинство на граѓани ја посакуваат ЕУ, ги посакуваат европските вредности европскито начин на живот, поголеми плати, поголеми можности за младите.
ПРЕС24: Кои според Вас се критични, порозни делови од општетсвото, инстуциите, за продор на руско влијание во државата?
БОЈМАЦАЛИЕВ: Сметам дека руско влијание има во општествено-политичкиот живот во државата, кај одредени лица од политичките партии. Впрочем, имавме и информација од Стејт Департментот на САД, и МНР Османи го сподели истото, дека досега Русија потрошила повеќе од 300 милиони долари од 2014 година досега, на обиди за влијание врз политичари. Согласно последните информации имало влијание врз изборите во Албанија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.
Но, она на коешто ние треба да работиме е проблемот на политичка непостојаност или немањето на континуитет во ставовите на политичките партии за она што е важно за граѓаните, кој е нивниот интерес и дали истиот кореспондира со програмите на партиите. Недостатокот од консензус остава простор за влијанието на странски актери, особено Русија и прокси играчите кои го шират руското влијание. Тие играат на каратата на слабост на институциите задолжени за спорведување на законот, можеби преку хибриден начин на сајбер напади, влијани на лица кои се лесно корумпирани, итн. Но, дозволете уште еднаш да ве уверам дека не псотојат такви слаби точки кои може да бидат искористени. Напротив, создадовме силна брана против таквите појави и не е можен продор на руско влијание. Со особена гордост би ја споменал изградбата на ИКТ Центарот во Прилеп кој е специјално наменет за чување на електронските податоци на институциите во случај на катастрофа.
Тука би го спомнал и напредокот на МВР и државата во борбата против организираниот криминал и корупција, со што одговорно тврдам дека МВР е подготвено да се справи со предизвиците од овој тип. Само во 2023 година утврдени се над 64 коруптивни злоупотреби, откриени 121 кривични дела, со вкупно 178 сторители, причинета е материјална штета од над 350 милиони денари. Откривачката функција на полицијата во 2021 година беше зголемена за дури 50%. Во периодот на 2017 - 2023 година, кога Спасовски беше на чело на МВР, само за кривичното дело „Злоупотреба на службената положба и овластувања“ биле поднесени вкупно 44 кривични пријави против 170 физички и 2 (две) правни лица. Се обврзавме сите директиви и лица ставени на листата на санкции на САД, т.н. црна листа, да бидат ставени во законска рамка за да немаат можност да учествуваат во јавни набавки, да бидат дел од Владата, ниту пак да бидат кандидати за извршување јавни функции. Тука ја имаме поддршка од стратешките партнери САД, ЕУ, а секако, Министерството за внатрешни работи во спроведувањето на мерките на Законот за рестриктивни мерки, ќе ги користи каналите за меѓународна соработка, како што се Интерпол, Европол, СЕЛЕК и др., а со цел непречен проток на потребните информации во насока на понатамошно обезбедување на докази и спроведување на своите надлежности согласно Законот за кривична постапка и Кривичниот Законик.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа