Борисов ја бара „главата“ на Николоски

Не стивнуваат реакциите во Бугарија по изјавата на македонскиот вицепремиер и министер за транспорт, Александар Николоски упатена кон бугарските власти во врска со непоставувањето на македонското знаме на средбата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со бугарскиот претседател Румен Радев.

Денеска лидерот на ГЕРБ, сестринската партија на ВМРО-ДПМНЕ, Бојко Борисов прашан за коментар на изјавата, рече дека за тоа има само еден еден одговор, а тоа е извинување и побара оставка од вицепремиерот Николоски.

Доколку тоа не се случи, Борисов порача дека ниту бугарскиот претседател, ниту премиерот, ниту министрите не треба да се среќаваат и да разговараат со претставници на властите во Скопје.

„Мислам дека постапија подло со претседателот, со министрите кои се сретнаа со нив, најдобронамерно, тоа не можам да го одречам. Навистина тие се од неодамна во Владата во Северна Македонија и работите околу протоколите не му се јасни на државниот протокол. Тоа е јасно опишано, за пријателска средба што се прави, за официјална, за работна, но да речеме дека тука немаат искуство. Но, јазикот што го користат има само едно оправдување – извинување. Оставка на тој министер. И, ако не го направат тоа, ниту претседателот, ниту премиерот, ниту министрите, ниту партиите не треба да се сретнат и да разговараат со нив“, изјави Борисов, пренесуваат бугарските медиуми.

Лидерот на ГЕРБ најави дека тие од своја страна ќе ја информираат Европската народна партија (ЕПП), каде што членува и ВМРО-ДПМНЕ, за да знае, како што вели, што зборувале.

19.09.2024 - 13:00

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега