Бразил испраќа војници на границата со Венецуела, расте стравот од нова војна

 

Бразил објави дека распоредува војници долж границата со Венецуела, откако венецуелската влада ги објави плановите за вклучување на областите контролирани од Гвајана на својата територија.

Регионот Есекибо богат со нафта е спорен уште од 19 век, кога Гвајана беше британска колонија.

Венецуела го обнови своето право на територијата откако пред неколку години беа откриени резерви на нафта и гас во морето. Тензиите се зголемуваат по неделниот референдум во Венецуела. Се вели дека повеќе од 95 отсто од гласачите го поддржале тврдењето на владата за Есекибо, јавува Би-Би-Си.

Венецуелскиот лидер Николас Мадуро оттогаш побара од државната нафтена компанија да издаде дозволи за ископување таму и предложи Националното собрание да донесе закон со кој областа ќе биде дел од Венецуела. Со ваквите потези тој предизвика загриженост во целиот регион.

Додека Гвајана има свои војници на готовност, бразилската војска соопшти дека преместува повеќе војници во пограничниот град Боа Виста, главен град на сојузната држава Рораима, како и дека носи дополнителни воени возила. Сепак, секој воен упад од страна на Венецуела ќе биде логистички предизвик бидејќи венецуелските војници ќе мора да поминат низ бразилска територија поради тешкиот терен на друго место.

Според новинската агенција АФП, бразилската армија нагласила дека го зајакнува своето присуство во регионот како дел од напорите „да се гарантира неповредливоста на територијата“. Инаку, хеликоптер на војската на Гвајан со седум лица е пријавен за исчезнат во близина на границата со Венецуела. Сепак, началникот на Генералштабот на Гвајан, Омар Кан, рече дека „нема информации што укажуваат на тоа дека Венецуела е вмешана“.

07.12.2023 - 10:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега