Бримора за МИА: Не треба да дозволиме проблемот со царините да влијае на соработката меѓу Европа и САД
Нашата позиција е јасна – новата американска администрација не ја менува основната позиција на Полска, на претседателството, ниту на Европскиот совет. САД и понатаму ги гледаме како нашиот најважен сојузник и како партнер со кој мора да ја градиме безбедноста во Европа, изјави во интервју за МИА полскиот амбасадор во земјава Мариуш Бримора.
-Го поставивте прашањето за одбранбената политика и трансатлантските односи. Нашата позиција е јасна – новата американска администрација не ја менува основната позиција на Полска, на претседателството, ниту на Европскиот совет. САД и понатаму ги гледаме како нашиот најважен сојузник и како партнер со кој мора да ја градиме безбедноста во Европа. Иако имаше одредени предизвици на почетокот, како проблемот со царините, веруваме дека тие треба брзо да се решат. Ова не е време да дозволиме таквите прашања да влијаат врз соработката меѓу Европа и САД, затоа што, како што реков, безбедноста е сега најважното прашање, нагласи Бримора.
Тој додаде дека САД ги гледаат како најважен сојузник и во контекст на трансатлантските односи и во рамките на НАТО.
-Полска и полското претседателство имаат намера да работат на изградба на одбранбена инфраструктура, а новата американска администрација можеби и нè поттикнува ние, Европејците, да сфатиме дека навистина треба повеќе да се ангажираме во однос на одбраната и безбедноста. Тоа претставуваше еден вид сигнал до Европа дека треба да размисли за поголеми инвестиции во одбраната и за преземање на поголема контрола. И тоа веќе се спроведува, го имаме планот за 2030 година како краен рок до кој треба да ја подобриме европската безбедност. Но, тоа не ја менува суштината дека сето тоа сакаме да го направиме во рамките на соработка со Соединетите Американски Држави, нагласи Бримора во интервју за МИА.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа