„Британски Телеграф“: На прагот на трета светска војна сме

 

Некаде помеѓу 8 и 13 октомври, седум бродови на руската Пацифичка флота испловија од Чонџин, Хамхунг и Мусудан, Северна Кореја, за Владивосток, Русија. На бродот имало 1.500 војници на севернокорејските специјални сили.

Тие се авангарда од 11.000 севернокорејски војници кои би требало да бидат засилување во руската војна против Украина. Дополнително, доаѓањето на војници од Северна Кореја е јасен показател дека тоа не е само војна меѓу Русија и Украина, пишува Британски Телеграф.

Според овој медиум со доаѓањето на трета страна, војната може да ескалира во конфликт од светски размери, наведувајќи дека Москва и нејзините сојузници добро разбрале што е во прашање, додека Западот не го разбира тоа. Сепак, иако не е официјално потврдено, не е тешко да се заклучи дека покрај платениците, во Украина подолго време се и офицерите на армиите на земјите на НАТО, имајќи го предвид оружјето што беше испратено во оваа земја и чие користење бара претходна обука.

Северна Кореја сега испраќа 1.500 специјални сили во војната против Украина и ова не е прв придонес на Пјонгјанг во руските воени напори. Северна Кореја и продаде на Русија артилериска муниција, балистички ракети КН-23 и противтенковски ракетни возила. Покрај Иран, и Северна Кореја е индустриската поддршка на Русија и главната причина зошто руските вооружени сили веќе не останале без критична опрема како што се приближува третата година од војната, анализира медиумот.

Во написите се наведува дека зголемената улога на Северна Кореја во војната меѓу Русија и Украина се заканува да ја вовлече Јужна Кореја во конфликт.

Јужна Кореја произведува некои од најдобрите оружја во светот, особено тенкови и артилерија. Можеби нема да помине многу време пред да го видиме ова оружје на линијата на фронтот во Украина, доколку се разбира тоа го дозволат сојузниците од НАТО.

Во овие моменти се повеќе може да се слушне за двоумењето на Западот кога станува збор за поддршката на Украина. Украинската армија неодамна заеднички формираше 14 нови бригади, што претставува десет отсто зголемување на структурата на нејзините копнени борбени сили, но забавувањето на странската помош значи дека десет бригади немаат тешка опрема, тврди украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Според написите, можеби евентуалната помош на Јужна Кореја ќе биде доволна за да се надмине оваа неволност на Западот, но таа со себе носи нови опасности. Двете Кореи би можеле индиректно да ги измерат своите сили на полињата во Украина, далеку од нив, и да го направат овој конфликт глобален, оценува Британски Телеграф.

28.10.2024 - 17:22

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега