Чистка за свадбата на Гаши - постапки за речи си цела смена заедно со се началникот
Против шест полициски службеници меѓу кои и началникот е поведена дисциплинска постапка за случајот кога делегацијата предводена од претседателот на Собранието Африм Гаши на 17 август годинава помина на граничниот премин „Блаце“, информираа денеска од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Од МВР велат дека поведувањето на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност против полицајците Н.Р., М.С., А.Б., Б.А, Н.Б. и Б.С. е по извршениот увид во службените материјали, по анализата на видео-надзорот и од разговорите со полициските службеници.„Откако делегацијата, во која како носител се јавува претседателот на Собранието, ја поминува државната граница на граничниот премин „Долно Блаце“ на лентата за излез број 1, по неа поминуваат шест цивилни возила, кои во меѓу просторот на граничните премини се приклучуваат на делегацијата“, се наведува во соопштението од МВР.
При поминувањето на границата, додаваат од МВР, не била извршена контрола на патниците и возилата, а во одреден временски интервал сите ленти за излез од државата биле затворени. Во тој период од страна на Н.Б. кој е полициски службеник од обезбедувањето на претседателот на Собранието и Б.А., полициски службеник од полициската станица за „Долно Блаце“ едно возило што се наоѓало во третата лента за излез било извлечено и насочено кон првата лента каде ја поминало границата без да се изврши контрола на патниците и возилото.
„Утврдено е дека Н.Б. наместо да врши непосредно физичко обезбедување на претседателот на Собранието, врши дејствија на граничниот премин кај кабините за излез и царинските кабини, со кои овозможува цивилни возила да се приклучат кон делегацијата, како и да се даде приоритет цивилно возило да ја помине државната граница“,се додава во полициското соопштение.
Со наведените дејствија Н.Б. и Б.А., како што велат од МВР, сториле потешко кршење на работниот ред и дисциплина предвидени во Законот за внатрешни работи и од Колективниот договор на МВР.
Од МВР велат дека наместо да бидат преземени соодветни мерки за утврдување на неправилности во овој случај, од страна на главниот инспектор М.С. во содејство со началникот на Регионалниот центар за гранични работи – Север Н.Р., согласно дотогашните констатирани пропусти, не биле преземени соодветни мерки туку бил испратен акт со кој се задолжува командирот на полициската станица за „Долно Блаце“ да го доиспита целосно случајот и да преземе соодветни мерки.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа