Црна се чума зададе - Пожарникарите кажаа каков хорор ги дочекал во Пулс
ДПД Кочани, доброволно друштво кое се залага за справување со секакви елементарни непогоди, помагаше при трагедијата во Кочани, кога во пожар во дискотеката "Пулс" загинаа 59 лица, а повеќе од 160 се повредени, се огласија на Фејсбук за хоророт во кој помагаа.
- Црна се чума зададе - Кочани по 16.03.2025 повеќе не е ист град и нема да биде. о силен трепет, голем шок и длабока тага конечно собравме малку сили да ви се обратиме. Ова е најтешката и најтажната објава во историјата на ДПД Кочани која ја пишуваме со солзи во очите и грутка во градите. Како и многупати досега, така и на 16.03.2025 година иако опструирани и маргинализирани од повеќе страни во последен период, одново бевме на браникот на Кочани. И покрај се, кога е тешко и покрај сите околности од пиџами и буквално од кревет десетина наши членови со две возила на ДПД Кочани скокна во очи на огинот. Онака во наш стил, волонтерски, со чиста душа и силен адреналин да се помогне каде што може. Дадовме и повеќе од што можевме како помош за ТППЕ, МВР и Брзата помош кои со нивната оскудна опрема и лимитиран капацитет се бореа со МОНСТРУОЗНАТА ТРАГЕДИЈА од светски карактер која не задеси. Сцените кои ги затекнавме вечно ќе бидат врежани, а секој од нас загуби по некој близок, познаник, пријател, другар а нашите членови, сопружниците Тоше и Стојка го загубија најмилото – ќерката единец Ивона, напишаа тие.
Изразија искрено сочувство за жртвите.
- Изразуваме искрено сочувство во ови болни и тешки моменти за сите жртви и оние кои се борат за живот. Вечна им слава!, стои во постот на Фејсбук.
Инаку, во пожарот во Кочани загинаа 59 лица, повеќе од 160 се повредени. Дел од повредените се на лекување во Клиниките низ Македонија, дел во регионот и странство.
Пулс немал хидрантска мрежа, ималo само два ПП апарати, вратата на заедниот дел била затворена и без квака од внатрешната страна, а објектот бил непрописно обложен со материјали за звучна изолација и за визуелни ефекти со лесно согорливи материјали.
За време на седумдневната жалост што ја прогласи Владата, знамињата се на половина копје, откажани се сите музички, забавни активности и настаните во установите од областа на културата, а прилагодена е и програмата на медиумите. Отворени се книги на жалост во Собранието, во МНР и во македонските амбасади низ светот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа