ЦУК: Избувнаа седум пожари

 


Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека имало вкупно 1 590 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК во последното деноноќие, од коишто „реални“ повици биле 60,94%, а 39,06% биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон Полиција биле упатени 70,87%, кон Итната медицинска помош 24,60%, а кон пожарникарите 2,27% од реалните повици кон 112 во ЦУК. Инаку, имало 628 повика за итни случаи на 112 за во ЦУК, што се вкупен збир од тие што биле за комбинирано решавање од „реалните“ повици и на тие што се именувани како „неитни повици“. Сите тие биле предмет на примање, на обработка во ЦУК, а и на директно координирање за нивно решавање со институции и служби во Системот за управување со кризи (СУК).

Наспроти заладувањето и влажноста на времето имаше седум пожари вкупно на отворен простор во последното деноноќие и сите се изгасени, а пожарникарите паралелно гаснеа и урбани пожари.

Регионалниот ЦУК Скопје, ја пренесува информацијата од БППЗ на град Скопје, дека во текот на изминатото деноноќие, покрај гаснењето пожари на објекти во урбани средини, интервенирале за гаснење пожари на отворен простор од 09.25 до 10.05 часот, 4 пожарникари и 1 ПП возила при што гаснеле запалени контејнери на ул.„Босна и Херцеговина“. (Општина Чаир). Од 14.30 до 14.55 часот, 3 пожарникари со 1 ПП возило гаснеле опожарен градежен отпад покрај ул.„Скупи“ (Општина Карпош). Од 16.30 до 17.25 часот, 3 пожарникари и 1 ПП возило гаснеле запалено ѓубре од гранки и грмушки во правец на автопат Скопје - Тетово (Општина Сарај).

РЦУК – Битола, ја пренесува информацијата од ТППЕ Демир Хисар во која се наведува дека на ден 12.11.2024 година во 17.00 часот со 2 пожарникари и 2 ПП возила интервенирале на пожар на депонија во с. Сопотница, месност „Крбла“, при што пожарот бил локализиран и нема опасност од проширување, а вчера повторно е интервенирано со 1 пожарникар и 1 ПП возило, но се уште има чад и горење во средишниот дел. Поради видот на горливиот материјал - отпад од ТППЕ известуваат дека не може да се изгасне во целост додека не се интервенира со градежна машина. Од нивна страна веднаш по добивање на информацијата е контактиран Градоначалникот на општина Демир Хисар и денеска ќе биде разгледана опцијата за вклучување на градежна машина за гаснење на депонијата.

Регионалниот ЦУК Струмица, известува дека шумскиот повеќедневен пожар што започна на ден 10.11.2024 година во подножјето планината Беласица помеѓу селата Смолари и Мокрино (Општина Ново Село) е ликвидиран. Зафатена била површина од околу 20 хектари. Вчера на терен беа седум вработени и две теренски возила од ЈП „Национални шуми“ подружница „Беласица“ - Струмица. Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) од Струмица од 12.16 до 13.10 часот со 4 пожарникари и 1 ПП возило гаснеле запалена ниска вегетација, капини и тополи во с. Робово (Општина Струмица)

Регионалниот ЦУК Тетово, ја пренесува информацијата од ТППЕ Тетово дека од 12.30 до 14.15 часот со 3 пожарникари и 1 ПП возило гаснеле шумски пожар во с. Групчин (Општина Желино).

Законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата започнува од утре (15.11.2024 година) започнува без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2025 година. РЦУК Куманово, известува дека во Општина Кратово, локалниот патен правец од Кратово до с.Каврак, е прооден само за теренски возила со зимска опрема.

Сите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации. Истовремено, ЦУК информира дека е корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.

14.11.2024 - 10:32

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега