ЦУК: Нема активни пожари, сите се изгаснати
Од вкупно 13 пожари на отворен простор изминатото деноноќие, 12 се изгаснати, а еден е ставен под контрола, информираат утрово од Центарот за управување со кризи.
Пожарот ставен под контрола е на територија на општина Берово. Како што се појаснува во соопштението, станува збор за огнените јазици на подрачјето на планината Готен кон Малешевските планини, а гореле бор, бука, нискостеблеста шума, смрека, грмушки и ниска вегетација.
Изгаснатите пожари биле на територија на општините Арачиново, Гази Баба, Гевгелија, Кавадарци, Карбинци, Македонска Каменица, Радовиш, Желино, а останатите четири во прилепскиот регион.
На вчерашната прес-конференција, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов апелираше за внимателност за Илинденските празници, за да не се предизвикаат пожари.
- Апелирам до сите, за време на Илинденските празници, да бидат исклучително внимателни, бидејќи за миг може да настане пожар со катастрофални последици, нагласи Ангелов.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа