ЦУК: Пет пожари на отворено изминатото деноноќие
Пет пожари на отворено за 24 часа евидентирал Центарот за управување со кризи (ЦУК). Изминатото деноноќие во скопскиот регион се гаснеле запалена ниска вегетација во атарот на селото Миладиновци, како и запалено ѓубре во атарот на село Сарај. Во Охридскиот регион се интервенирало на запалено ѓубриште во близина на комплексот „Набизи“. Пожарникарите од Неготино имале две интервенции - гаснеле запалено жито на површина од околу два декара во атарот на село Пепелиште и запалена ниска вегетација во месноста „Криволак“.
Од ЦУК информираат дека на територија на општина Берово, вечерва од 22 часот до пет наутро, ќе се спроведе првата фаза од дезинсекција - прскање од земја за уништување комарци на зелените површини, како и по течението на реките и водотеците. Пчеларите во Беровскиот регион, пожелно е навреме да ги преземат потребните мерки за заштита на нивните пчели.
Регионалниот ЦУК - Тетово соопштува дека денеска, како и на 7, 10, 12, 13 јуни, од седум до 15 часот во стрелачкиот центар „Еребино“ во општина Желино, ќе се врши бојно гаѓање што, како што се појаснува во соопштението, секоја година се врши со припадниците на тетовската полиција. Денеска и утре на импровизираното стрелиште на местото викано „Рудина“ кај селото Волковија, ќе се врши бојно гаѓање и од страна на припадниците на гостиварската полиција.
- Внимателно движење во тие реони и ако се најдат одредени проектили, да не се поместуваат, туку да се пријават на 112 за безбедно да бидат неутрализирани, апелираат од ЦУК.
Изминатото деноноќие имало вкупно 1.706 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа