ЦУК: Вкупно 1.620 повици на 112


Во Центарот за управување со кризи (ЦУК) според последниот извештај во последното деноноќие имало вкупно 1.620 повици на Единствениот број за итни случаи 112.

- Од нив „реални“ повици биле 56 отсто, а 44 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон Полиција биле упатени 64 отсто, кон Итната медицинска помош 27 отсто, кон пожарникарите шест отсто, а кон АМСМ 0,42 отсто од реалните повици кон 112,  соопшти ЦУК.

Во последното деноноќие имало повеќе помали пријавени пожари на отворено, покрај пожари во урбани средини и населени места на територијата на државата.

Територијална противпожарна бригада на Град Скопје (БППЗ) имала повеќе интервенции. Четворица пожарникари со едно возило вчера, од 6:05 до 17:30 часот, интервенирале на запалена мешана шума во атарот на село Танушевци, Општина Чучер Сандево.  Во период од 14:10 до 15:50 часот, исто така четворица пожарникари со едно возило интервенирале на запалена ниска вегетација на површина од околу 1 000 метри квадратни во атарот на село Долно Коњари во Општина Петровец. Од 16:55 до 17:35 часот тројца  пожарникари со едно противпожарно возило интервенирале на запалена депонија покрај улицата „Црногорска“ бр.1 во Општина Ѓорче Петров, а имале и уште една, како што се наведува, помала интервенција.

Од ТППЕ Струмица вчера, од 11:00 до 12:50 часот, тројца пожарникари со едно возило интервенирале на запалена ниска вегетација и лозови насади на површина од 17 хектари во село Пирава, Општина Валандово. Во период од 12:05 до 14:15 часот двајца пожарникари со едно возило интервенирале на запалена просторија на сточен пазар кај село Ново Село, Општина Ново Село.

Тројца пожарникари од ТППЕ Куманово вчера, од 14:55 до 15:20 часот, со едно возило интервенирале на запалена ниска вегетација на автопатот Скопје – Куманово. Од 16:35 до 17:35 часот двајца пожарникари со едно возило интервенирале на запалено ѓубре и дрва во ЈП „Чистота и зеленило“ – Куманово. Во периодот од 20:20 до 21:00 часот тројца пожарникари со едно возило интервенирале на запалена ниска вегетација во село Пчиња, а од 18:50 до 21:55 часот четворица пожарникари со едно возило гаснеле запалено стрниште во месноста викана „Никулски Пат“.

ТППЕ Старо Нагоричане информира дека вчера, од 15:52 до 16:20 часот, двајца пожарникари со едно возило гаснеле запалено стрниште во село Младо Нагоричане, месност Трендаловце.

ЦУК апелира за редовно чистење на локалните одводни канали, да не се фрлаат отпадоци во нив, како и во речните корита. 

18.09.2024 - 11:03

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега