ЦУК: Вкупно 34 пожари на отворено

 Во текот на вчерашниот ден имало вкупно 34 пожари на отворен простор, од нив шест се активни, еден е ставен под контрола, а останатите се изгаснати, соопштија утрово од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

За пожарот на прилепската територија, од ЦУК појаснија дека активни се краците кон селата Крушевица, Чумово и Селце и накај место викано „Чуле“ на Селечка Планина. На овие места горат нискостеблеста вегетација, сува трева и борова шума.

Активен е и пожарот во подрачјето на општина Чашка, во регионот на селото Ораов Дол. На оваа територија горат ниска вегетација, како и мешана, борова и липова шума.

Нискостеблеста шума гори во општина Петровец, кај селата Брезница, Градманци и Катланово.

Во штипскиот регион, кај селата Хаџи Хамзали, Едеклерци и Топлик, како и во подрачјето на полигонот „Криволак“, опожарени се нискостеблеста шума, смреки и сува трева.

Мешана шума гори во општина Чучер Сандево, на територија на село Танушевци, место викано „Рамно“.

Сува трева и мешана шума горат во село Десово, општина Долнени.

Од ЦУК потенцираа дека пожарот на градската депонија во општина Крушево е ставен под контрола.

06.09.2024 - 10:21

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега