Дедо Стефан, слушни го народот“ – верници оставија порака на Соборна

 

На оградата пред Соборниот храм во Скопје денеска осамна транспарент со порака: „Дедо Стефан слушни го народот – Партениј за митрополит“, како дел од се погласните реакции на верници по повод најавениот избор на нов митрополит на Дебарско-кичевската епархија.

 

Пораката е упатена до Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, кој пред само неколку дена официјално го предложи монахот Георгиј за нов митрополит. Предлогот беше испратен до членовите на Синодот, а изборната седница е закажана за 12 јуни. Георгиј, познат и како Ѓоко Ѓоргевски, беше замонашен на 27 мај, а само неколку дена подоцна доби и свештенички чин.

Според дел од верниците, ваквиот брз процес е неприроден и непримерен, и во спротивност со канонските правила. Од таму доаѓа и поддршката за Партениј – игуменот на Бигорскиот манастир – кој важи за еден од најпочитуваните духовници во земјата.

Протести на верници се најавени денеска и во Охрид во 18 часот, како и во Скопје во 12 часот на плоштадот Македонија. Организаторите се дистанцираат од каква било политичка или институционална поврзаност, потенцирајќи дека протестот е исклучиво израз на незадоволство од одлуките во црковниот врв.

„Не сакаме судир, сакаме да се слушне гласот на народот и да се почитуваат духовните вредности“, велат иницијаторите.

30.05.2025 - 22:58

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега