Демири: Горд сум што свесноста за органодарителството се зголемува
Министерот за здравство д-р Илир Демири присуствуваше на стручен состанок посветен на подобрување на Националниот систем за трансплантација.
Во своето излагање, тој упати благодарност до сите експерти кои во континуитет даваат стручен придонес во овој процес, а посебно до тимот на проектот за подобрување на националниот систем за трансплантација во земјава.
„Трансплантациите во земјава се вршат во јавното здравство во универзитетските клиники. На Клиниката за урологија, во јануари, годинава ја одбележавме јубилејната 500-та трансплантација на бубрег во јавното здравство, а за првпат пред 4 години беше направена и трансплантација на срце. Во моментот, во тек е едукација и обука на здравствениот персонал вклучен во Програмата за трансплантација, како и активности за зголемување на јавната свест за донирање органи“, рече Демири.
Демири потенцираше дека органодарителството претставува едно од најголемите достигнувања во медицината.
„Органодарителството спасува животи и горд сум што свесноста и важноста сѐ повеќе се зголемува. Продолжуваме да водиме вистинска грижа за пациентите и за здравствените работници“, изјави Демири.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа