Дончиќ: Навивачите да не се грижат, среќен сум во Далас
Словенечкиот кошаркар Лука Дончиќ демантираше денеска дека на крајот на оваа сезона во НБА лигата ќе ги напушти редовите на Далас, пренесуваат американските медиуми.
Дел од медиумите претходно објавија дека Дончиќ е незадоволен од клупската политика и се заканил дека ќе замине ако Далас не ангажира засилувања до почетокот на новата сезона. Далас сезонава остана без пласман во плеј-инот и плеј-офот, откако регуларниот дел го заврши на 11. место на табелата во Западната конференција со 38 победи и 44 порази.
Раководството на Далас на два натпревари пред крајот на регуларниот дел од сезоната одлучи да се откаже од борбата за место во плеј-ин за да го задржи својот избор на претстојниот НБА драфт.
„Така се договоривме, но тоа не ми се допадна. Не сум рекол дека сакам да го напуштам Далас, тоа некаде го прочитав. Среќен сум во Далас, нема потреба за загриженост“, порача Дончиќ, додавајќи оти очекува промени во екипата.
„Нешто мора да се промени, тоа е сигурно. Минатата сезона стигнавме до финалето на Западот, тогаш бев воодушевен од атмосферата во екипата … ‘, додаде Словенцот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа