Државниот секретар на српското МВР: Зголемено полициско присуство во сите 1.800 училишта во Србија

Државниот секретар на Министерството за внатрешни работи на Србија, Жељко Бркиќ изјави дека од утринава е зголемено присуството на полицајци во сите 1.800 училишта во Србија, како една од мерките по масовното убиство во белградското основно училиште, „Владислав Рибникар“.

Нивното присуство, како што најави, ќе биде првенствено на почетокот и по завршувањето на наставата, каде со своето присуство ќе делуваат превентивно, влевајќи доверба кај учениците и родителите дека има претставници на државата кои ќе ги заштитат“, рече Бркиќ, за Радио-телевизија на Србија.

Тој додаде дека полициските службеници во разговор со граѓаните, родителите, наставниот кадар ќе ги приберат сите сознанија и информации од интерес за безбедноста и соодветно ќе преземат одредени мерки за да се подигне безбедноста на највисоко ниво.

Бркиќ изјави дека оваа мерка ќе остане на сила и во наредните денови со максимално вклучување на полициски службеници и апелираше граѓаните да пријават каква било информација што ја имаат за секаков вид проблематично однесување или друг настан кој може да влијае на безбедноста на учениците и училиштата.

Пред основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, каде на 3 мај 13-годишен ученик уби осум врсници и обезбедување, денеска има четворица полицајци, а Бркиќ наведува дека мерките за безбедност се зголемени на максимум.

Зборувајќи за глорификацијата на злосторствата и заканите на социјалните мрежи, тој рече дека од 3 мај досега на подрачјето на Белград се регистрирани 43 вакви настани, а на територијата на цела Србија повеќе од 90 настани.

Дваесет и четири настани се случиле преку интернет. Приведени се шест малолетници, а во редовна постапка се поднесени шест кривични пријави“, рече Бркиќ и додаде дека затворските казни може да бидат и до неколку години.

08.05.2023 - 10:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа