Џафери и Зеленски потпишаа изјава: Итно и целосно повлекување на сите вооружени Руси од Украина
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, во рамки на работната посета на Република Албанија, се сретна со претседателот на Украина, Володимир Зеленски. На средбата присуствуваа и министерот за надворешни работи, Бујар Османи и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски.
Премиерот Џафери ја истакна поддршката на Владата и силната определеност и посветеност кон територијалниот интегритет и суверенитет на Украина во нејзините меѓународни признаени граници. Притоа, потенцираше дека на билатерална основа, но и во рамките на НАТО, целосното усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, како и со приклучувањето кон Декларацијата на земјите од Г7 за безбедносни гаранции за Украина, Северна Македонија од почетокот на руската воена агресија, манифестира континуитет во својата позиција и ќе продолжи сè додека е тоа потребно.
Премиерот Џафери, нагласи дека чувствува посебна, лична одговорност и обврска, по добиенот Орден на Принцот „Јарослав Мудриот“ од претседателот на Врховната Рада на Украина, Руслан Стефанчук во 2022 година, да продолжи активно да дава личен придонес во зајакнувањето на меѓудржавната соработка и во поддршката на државниот суверенитет и територијалниот интегритет на Украина.
Претседателот Зеленски изрази длабока благодарност до Владата и граѓаните на Северна Македонија за силната и сеопфатна поддршка, пред сѐ политичка и воена на земјата, како и за приемот на украински бегалци. Потенцираше дека Украина посебно цени што Северна Македонија се приклучи кон Бучанската Декларација за повикување на одговорност за најтешките воени злосторства извршени на територијата на Украина.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа