Џафери: Подобри услови и современ здравствен систем за пациентите каде и да се

 

Премиерот Талат Џафери, заедно со министерот за здравство, Илир Демири, денеска ја посетија ЈЗУ Општа болница „Д-р Ферид Мурад“ во Гостивар.

За време на посетата, Џафери оствари работен состанок со менаџментот и со здравствениот персонал на гостиварската општа болница. На работниот состанок, Џафери ги истакна заложбите на Владата, со цел подобрување на условите за лекување на пациентите, како и за системските промени кои беа направени, со што се овозможи изминативе години неколкукратно зголемување на платите на медицинскиот персонал.

Премиерот изврши обиколка на одделението за Невропсихијатрија, коешто е во фаза на реконструкција, како и на одделението за Педијатрија што беше реконструирано минатата година.

Освен со подобрување на инфраструктурата, на почетокот од годината беше набавена современа лапароскопска и ендоскопска опрема, а болницата доби и подвижен рендген апарат со C-рака со дигитален детектор.

Набавката на новата опрема овозможи за прв пат во болницата во Гостивар да се извршуваат интервенции од сферата на Урологијата, со што на пациентите им се олесни пристапот до здравствена заштита и повеќе нема да треба за таков вид на зафати да се упатуваат на клиниките во Скопје, информираат од неговиот кабинет.

Посочуваат дека со реновирањата во гостиварската болница, се подобруваат условите за обезбедување современ и лесен пристап до здравствена заштита на пациентите, како и подобри услови за работа на медицинскиот персонал.

01.03.2024 - 18:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега