Џjинпинг: Кина и Русија се вистински пријатели кои делат и добро и лошо

 

Кинескиот претседател Шји Џjинпинг изјави денеска дека историјата и реалноста покажуваат дека Кина и Русија се добри соседи кои не можат да се оддалечат и вистински пријатели „кои делат добро и лошо, меѓусебно се поддржуваат и постигнуваат заеднички развој“.

Тој ова го изјави за време на телефонскиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин, кој беше спроведен на иницијатива на руската страна.

Лидерите на двете земји разговараа за повеќе прашања, вклучително и за конфликтот во Украина и се договорија да одржуваат контакти преку различни канали и да ги координираат нивните активности, пренесува „Ксинхуа“.

Шји нагласи дека кинеските власти ги поддржуваат напорите на Русија за намалување на тензиите во украинскиот конфликт.

„Кина е среќна што гледа дека Русија и другите заинтересирани страни прават напори за деескалација на украинскиот конфликт“, рече кинескиот претседател.

Тој потсети дека на почетокот на ескалацијата на украинската криза го претстави својот четиристран пристап за решавање на кризата во Украина.

„Во септември минатата година, Кина и Бразил, заедно со некои земји од глобалниот југ, ја основаа Групата на пријатели за мир за да ја постават основата за промовирање политичко решение за кризата во Украина“, рече кинескиот лидер.

Тој укажа на важноста на долгорочната дипломатија и националните развојни стратегии на Кина и Русија.

„Различните сектори на двете земји континуирано ја подобруваат соработката на сите полиња во согласност со консензус на двајцата лидери, вклучително и спроведување на активности за одбележување на 80-годишнината од победата на кинескиот народ во војната против јапонската агресија и 80-годишнината од победата во Втората светска војна“, посочи Шји, додавајќи дека врските на Кина и Русија уживаат силна внатрешна движечка сила и единствена стратешка вредност, како и тоа дека развојните стратегии и надворешните политики на Кина и Русија се долгорочни.

Шји оцени дека односите меѓу Кина и Русија се одвиваат со леснотија, што „ќе донесе стабилност и позитивна енергија во меѓународните односи“.

За време на долгиот телефонски разговор меѓу двајцата лидери „имаше фундаментална размена на мислења за актуелните прашања за понатамошен развој на сеопфатното партнерство и стратешката интеракција меѓу Русија и Кина“, а разговорот беше „топол и пријателски“, соопшти Кремљ, пренесуваат руските медиуми.

Соговорниците разговараа за начините за проширување на заемно корисната соработка на полето на економијата и трговијата, инвестициите, културата, образованието и спортот.

Лидерите на Кина и Русија го потврдија распоредот на претстојните состаноци на високо ниво по повод 80-годишнината од победата во Втората светска војна во Москва, претстојниот самит на Шангајската организација за соработка (SCO) и комеморативните настани во Пекинг по повод 80-годишнината од крајот на Втората светска војна и победата над Јапонија.

Путин го информирал претседателот на Кина за неодамнешните руско-американски контакти.

Кинеската страна ја изрази својата поддршка за започнатиот дијалог меѓу Русија и САД, како и подготвеноста да помогне во изнаоѓањето начин за мирно решавање на украинскиот конфликт, се додава во соопштението на Кремљ.

Лидерите особено истакнаа дека руско-кинеските надворешнополитички односи се најважниот стабилизациски фактор во светските работи.

„Овој однос е од стратешки карактер, не е подложен на надворешно влијание и не е насочен против никого“, се заклучува во соопштението.

 
24.02.2025 - 17:53

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега