ЕК го казни „Епл“ со над 1,8 милијарди евра за злоупотреба на доминантната позиција на „Еп Стор“
Европската комисија и изрече казна на компанијата „Епл“ во висина од над 1,8 милијарди евра за злоупотреба на доминантната позиција на пазарот за дистрибуција на апликации за стримање музика за корисниците на „Ајфон“ и „Ајпад“ преку нејзината апликација „Еп Стор“.
Како што информира извршната потпретседателка на Европската комисија задолжена за конкуренција Маргрете Вестагер, „Епл“ една деценија ја злоупотребувала својата доминантна позиција на пазарот за дистрибуција на апликации за стримање музика преку „Еп Стор“.
– Тоа го прави со ограничување на програмерите да ги информираат потрошувачите за алтернативни поевтини музички услуги достапни надвор од системот на „Епл“. Ова е нелегално според антимонополските правила на ЕУ и затоа денеска го казнивме „Епл“ со над 1,8 милијарди евра, информира Вестагер на денешната прес-конференција.
Еврокомисијата утврдила дека „Епл“ применува ограничувања со што ги спречува развивачите на апликации да ги информираат корисниците за алтернативни и поевтини услуги за претплата за музика, покрај оние што се нудат на нејзината апликација „Еп Стор“.
Според ЕК, како што јави дописникот на МИА од Брисел, „Епл“ моментно како единствениот снабдувач на „Еп Стор“ ги поставува условите што програмерите треба да ги почитуваат за да бидат присутни на платформата и да можат да бидат во контакт со корисниците на „Ајфон“ и „Ајпад“ на подрачјето на Европската економска област.
Истрагата на ЕК утврдила дека со ваквата практика „Епл“ го прекршува членот 102а од Договорот за функционирање на Европската Унија.
Според ЕК, со ваквото однесување многу корисници речиси десет години биле принудени да плаќаат значително поскапо за стримање музика поради високата провизија што ја наплатува „Епл“ од програмерите и што резултира со повисоки крајни цени за претплата.
При одредувањето на висината на казната за „Епл“, ЕК ги зела предвид времетраењето и тежината на прекршокот, како и вкупниот промет и пазарната капитализација на компанијата.
Комисијата заклучи дека вкупниот износ на казната од над 1,8 милијарди евра е пропорционален на глобалните приходи на „Епл“ и е неопходен за да ја одврати компанијата од повторување на прекршокот, како и да служи како пример за други фирми да се воздржат слични кршења на прописите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа