ЕП ждрепка: Македонија доби пеколна група на континенталниот собир
Женската ракометна репрезентација на Македонија по десет години се враќа на големата сцена. Нашата селекција ги доби ривалите на Европското првенство (ЕП) кое во 2022 година ќе се игра во нашата земја, Црна Гора и Словенија, пренесува gol.mk.
Како што беше познато од претходно, Македонија ќе игра во групата Ц која ќе се одржи во Скопје. Натпреварите ќе се играат во СЦ „Борис Трајковски“, а ждрепката во грандиозниот замок во Љубљана ни ги донесе ривалите.
Избраничките на Љубомир Савевски ќе се судрат со Франција, Холандија и Романија. Дел од ривалите на Македонија на ЕП 2022 ги извлече нашата претставничка на овој настан, репрезентативката Андреа Седлоска. Ждрепката е пеколна, затоа што трите селекции кои ги добивме се поранешни светски или европски шампиони.
ГРУПА А (Љубљана): Норвешка, Унгарија, Хрватска, Швајцарија
ГРУПА Б (Целје): Данска, Шведска, Словенија, Србија
ГРУПА Ц (Скопје): Франција, Холандија, Македонија, Романија
ГРУПА Д (Подгорица): Полска, Црна Гора, Германија, Шпанија
Последниот настап на ЕП на Македонија ѝ беше во 2012 година кога во Србија нашите ракометарки завршија на последното 16-то место. Покрај групата Ц, во Скопје ќе се игра и втората група од втората фаза на континенталниот собир.
ЕП 2022 ќе се одржи од 4 до 20 ноември, а завршницата е закажана во Словенија. Првата фаза ќе ја минат трите најдобри во секоја група.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа