Ескобар: Очекуваме Србија и Косово да го применат тоа што го прифатија во Брисел

Специјалниот претставник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кој присуствуваше на состаноците на лидерите на Србија и Косово и претставниците на ЕУ во Брисел, потврди дека лидерите се согласиле да продолжат напред во дијалогот во согласност со европскиот предлог“, но предупредува дека претстои „тешка работа на имплементација“ на тоа за што се договориле двете страни, пренесува Гласот на Америка.

Американскиот дипломат на „онлајн брифингот за новинарите“ рече дека САД веруваат дека овојпат двете страни се сериозни во намерата да го спроведат договореното и повтори дека европскиот предлог не е за меѓусебно признавање, туку за нормализација на односите.

Лидерите на Србија и на Косово, Александар Вучиќ и Албин Курти, на состанокот во понеделникот во Брисел со посредство на високи претставници на ЕУ, усно се согласија дека се подготвени да го продолжат дијалогот во согласност со европскиот предлог за решавање на косовското прашање, но во Брисел ништо не е потпишано, потсетува Гласот на Америка.

„Во консултација со европските партнери, лидерите на Србија и на Косово се согласија да одат напред во согласност со европскиот предлог. Ние го поддржуваме тоа и ако знаеме дека тоа е многу важен чекор, останува напорна работа на имплементацијата на договорот околу анексот на имплементацијата. Тука исто така сакаме да видиме напредок на двете страни“, вели Ескобар.

Тој не одговори конкретно какви пречки може да се појават во понатамошниот процес на примена на тоа што е договорено.

„Има и административни и политички (пречки). Не сакам однапред да зборувам за идните дискусии, но основниот договор за кој се усогласија двете страни дава насоки за имплементација и нормализација на односите. Искрено, има пречки, но има и можности и се надевам дека ќе најдеме механизам да примениме сè - вклучително и Заедницата на српските општини, како и дека ќе се надминат претходните тешкотии во однос на табличките, дипломите, личните документи“, рече Ескобар.

Американскиот дипломат ја повтори позицијата на САД дека Заедницата на српските општини, која косовскиот премиер Албин Курти одбива да ја формира, мора да се формира, бидејќи станува збор за претходно преземена правно обврзувачка ставка од Бриселскиот договор.

„Чекаме да биде формирана и за сето ова да оди напред мора да се формира... Прашање е колку брзо Владата на Косово ќе го направи тоа? Мислам дека со прифаќањето на овој основен договор од вчера, Владата на Косово сфати дека тоа мора да се заврши. Не зборувам за рокови. Но, дискусијата за имплементација треба да започне веднаш“, рече Ескобар.

Тој верува дека лидерите на Србија и на Косово овој пат се сериозни во намерата да го применат тоа што го договориле - и покрај тоа што се уште има несогласувања за суштинските прашања - како што е статусот на Косово. 

01.03.2023 - 11:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега