ЕУ го казни „Гугл“ со 2,4 милијарди евра
Судот на Европската Унија денеска потврди две важни одлуки на Европската комисија – казна за „Гугл“ од 2,4 милијарди евра и дека „Епл“ добил нелегална поддршка во Ирска од 13 милијарди евра, кои мора да ги врати.
Судот на ЕУ ја потврди казната од 2,4 милијарди евра изречена на „Гугл“ за злоупотреба на доминантната позиција со фаворизирање на сопствената услуга за споредба на производи.
Во 2017 година Комисијата го казни „Гугл“ со речиси 2,4 милијарди евра за злоупотреба на неговата доминантна позиција на неколку национални пазари за пребарување на интернет со фаворизирање на сопствената услуга за споредба на производи во однос на истата услуга на неговите конкуренти.
Бидејќи Општиот суд во суштина ја потврди таа одлука и ја потврди казната, „Гугл“ и „Алфабет“ поднесоа жалба до судот, која сега е одбиена.
Судот на ЕУ исто така ја потврди одлуката на Европската комисија од 2016 година дека Ирска му одобрила незаконска помош на „Епл“, која компанијата мора да ја врати.
Во 2020 година Општиот суд ја поништи одлуката на Комисијата сметајќи дека таа не го докажува доволно постоењето селективна предност во корист на тие компании. Откако Комисијата поднесе жалба, судот сега ја укина пресудата на Општиот суд и, конечно, го реши спорот потврдувајќи ја одлуката на Комисијата.
Судот потврди дека „Епл“ незаконски имал корист од даночните олеснувања, што претставуваат државна помош доделена од Ирска. Оваа поддршка се однесуваше на даночниот третман на добивката од активностите на „Епл“ надвор од САД.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа