ЕУ не може да ја прогласи Револуционерната гарда за терористичка организација

 

 

Правните експерти на Европската унија потврдија дека нема правна основа за прогласување на иранската гарда за терористичка организација, изјави Аналена Барбок.

Правните експерти на Европската унија потврдија дека во моментов нема правна основа Иранската револуционерна гарда да се прогласи за терористичка организација, изјави во понеделникот германската министерка за надворешни работи Аналена Барбок.

„Засега немаме правна основа во ЕУ да ја ставиме Револуционерната гарда на списокот на терористички организации“, рече таа на брифинг со новинарите во Брисел, по состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите-членки на ЕУ, пренесува Танјуг.

Претходно во понеделникот, Европската унија воведе санкции за две организации и 32 Иранци, вклучително и министерот за култура и образование, разузнавачки службеници и пратеници, обвинети за поврзаност со насилниот одговор на протестите во Иран.

Велика Британија во понеделникот воведе санкции и за тројца ирански судии, тројца членови на Револуционерната гарда и двајца регионални гувернери, објавено е на веб-страницата на британската влада.

Тие се предмет на замрзнување на имотот и забрана за патување, пишува Танјуг, повикувајќи се на Ројтерс.

Британското Министерство за надворешни работи ги наведе имињата на санкционираните, меѓу кои и претседавачите на ограноците на револуционерните судови во Карај, Мешхад и Исфахан.

На црната листа се и командантот на копнените сили на Револуционерната гарда, како и замениците команданти на таа формација за Систан и Белучестан.

На листата на санкции се и гувернерот на споменатата покраина и неговиот колега од Санандај.

Протестите започнаа по смртта на 22-годишната Махса Амини на 16 септември минатата година, откако беше уапсена од полицијата за морал поради неправилно носење хиџаб.

Според иранските активисти за човекови права, во демонстрациите биле убиени најмалку 529 луѓе.

Унијата досега воведе четири рунди санкции за ирански функционери и организации, министри, воен персонал и морални службеници за наводно кршење на човековите права.

Револуционерната гарда е огранок на вооружените сили на Иран, формиран по Иранската револуција на 22 април 1979 година, по наредба на тогашниот ајатолах Рухолах Хомеини.

За разлика од иранската армија, која ги брани границите и го одржува внатрешниот ред, според Уставот на Иран, Револуционерната гарда има за цел да го заштити политичкиот систем во земјата.

20.02.2023 - 23:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега