Филипче: Надворешната политика на Македонија е импровизација

 

Македонија испраќа порака дека нејзината надворешна политика е импровизација. Лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче на прес-конференција рече дека неодговорноста на Владата нема да остане незабележана, откако Македонија стана коспонзор на предлог-резолуцијата на САД во Обединетите Нации, а потоа беше воздржана на гласањето, и дополнително воздржана остана и на европско-украинската резолуција.

-Владата ја продлабочи конфузијата со тоа што прифати да бидеме коспонзори на американската резолуција, а потоа гласавме возржано. Првпат една македонска Влада што коспонзорира резолуција потоа не гласа за истата. И ова покажува дека нема ниту стратегија, ниту координација и дека надворешната политика се води исклучиво со импровизација и врз основа на лични проценки на премиерот, рече Филипче.

Вели, ќе било многу помудро да гласавме „за“ двете резолуција.

-Тоа ќе беше принципиелна и стабилна позиција којашто ќе ја зајакнеше нашата позиција, ќе го зајакнеше нашето партнерство и со ЕУ и со САД, притоа тие две резолуции не се косат една со друга, тие се надополнуваат. Франција, Италија, Германија и многу други земји ја поддржаа американската резолуција која ние ја коспонзориравме. Прашањето е: „Зошто не сме гласале за неа?“ Ако сме целосно усогласени со европската надворешна политика, како што тврди Владата, зошто гласаме спротивно на сите други европски земји, рече Филипче, тврдејќи дека Владата досега нема одговорено на овие прашања. 

26.02.2025 - 11:18

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега