ФОТО: Паднати дрва ги блокираа улиците - Силно невреме и во Србија, доаѓа кон Македонија
Силно невреме од вчера ја зафати територијата на цела Хрватска, а попладнето пристигна и во Србија.
Републичкиот Хидрометеоролошки завод вчера вечер издаде уште едно предупредување дека во текот на вечерта се очекуваат врнежи со грмежи и засилен ветер.
- „Зоната со врнежи ќе се движи кон останатите делови на Србија во текот на вечерта и ноќта кон петок, проследена со заладување и засилен северозападен ветер. Максималната температура ќе се движи од 22 до 27°C – се наведува во најавата.
Во Сомбор, силниот ветер урнал дрво кое блокирало улица. Слична ситуација има и во Нови Сад каде дрво паднало на Булеварот на ослободувањето.
УХМР најавува дека денеска во Македонија времето ќе биде облачно и свежо со повремени врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат обилни и до крајот на денот ќе наврне над 30 л/м2. Кон крајот на денот на повисоките планини ќе има услови за повремен снег. Претпладне ќе дува слаб до умерен југоисточен, а попладне и во текот на ноќта кон сабота засилен северен ветер (над 60км/ч), особено вдолж Повардарието. Минималната температура ќе биде од 6 до 12, а максималната од 10 до 16 степени.
Во Скопје oблачно и свежо со врнежи од дожд, повремено пообилни. Ќе дува слаб до умерен југоисточен, а попладне засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне 14 степени.
Како што информира УХМР, во сабота ќе има повремени локални врнежи од дожд. На повисоките планини во утринските часови ќе има услови за слаб снег. Дневните температури во следните денови ќе имаат тенденција на натамошен пораст.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа