ГАЛЕРИЈА: Скопје се гуши во смет

 

Главниот град се гуши во смет поради штрајкот на вработените во Комунална Хигиена.

Работниците веќе трет ден ја бојкотираат работата и не го собираат ѓубрето од контејнерите. Десетици работници од претпријатието синоќа излегле на протест пред просториите на Комунална Хигиена поради, како што велат, отпуштањето на десетици колеги, но и поради тоа што не им се исполнуваат барањата за зголемување на платите, К-15 и бенефициран стаж.

Само вчера, велат вработените, 7-8 луѓе заминале со решение за вработување, додека завчера биле отпуштени 40 лица.

Како што тврдат, 50 работници добиле опомена за отказ откако протестираа пред една недела. Се жалат дека раководството гледа во безбедносните камери и кога некој ќе се види дека протестирал, добива откз.

Директорката на ЈП Комунална хигиена, Косана Николиќ Мазнева околу 1 часот по полноќ со полициска придружба дошла во претпријатието од работниците да излезат и да ги исчистат улиците, но работниците едногласно одбиле да излезат на терен.

На синоќешната прес-конференција, директорката Мазнева посочи дека групата граѓани не се вработени во него, ниту се членови на синдикатот, дополнувајќи дека кон групата граѓани кои ја опструираат работата на претпријатието, со што се загрозува здравјето на јавноста, е поднесена соодветна кривична пријава.

„Наводната причина поради која овие лица го попречуваат работењето на претпријатието, е издадената наредба од моја страна за сменско работење, преку кое на секој работник му налага сменско работење според законските норми и барањата од страна на синдикатите. Она што е предвидено во наредбата е дека сите вработени ќе работат на принцип на ротација во сите три смени. Една голема група на вработени, веќе 15 години работат исклучиво во трета смена што е спротивно на законот“, изјави таа.

Според директорката, групата вработени добивале поголеми плати, ноќен труд од 35% поради работата во трета смена, а никој друг не можел да ротира.

„Овие луѓе нередовно ги извршувале своите работни обврски , а голем дел не се појавувале на работа, но биле запишани за прекувремена работа. Овие лица кои сега организираат блокада на претпријатието и го попречуваат работниот процес, се вработени на други места или со свои приватни бизниси“ посочи директорката, дополнувајќи дека втората причина за протести се барањата за поголема плата.

09.07.2023 - 11:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега